Сузуки постигна своевиден триумф со е-Витара, електричниот автомобил со име на една од своите најпознати моделски серии. Триумф секако претставува и фактот што е-Витара, во одвај видоизменета форма, Сузуки ја произведува и со знак на Тојота. Тоа е доверба меѓу јапонските партнери. Но, и купувачите не се изневерени со очекувањата од модел на Сузуки.
Електричните автомобили обично се или преголеми и прескапи, или сосем спротивното, премалечки се и со цената пак не можат да им парираат на најдостапните модели со мотор со внатрешно согорување. Во средината има само неколку модели.
Тоа се покажува во списокот од 10 најпродавани батериски електрични автомобили во Европа во јануари. Вицешампионот Рено 5 Е-Тек е градски автомобил за шоу, Тесла Модел Уај е скапа и со несигурна сервисна поддршка, Мерцедес-Бенц ЦЛА и БМВ и-Икс-1 се премиум автомобили, Шкода Ениак, Фолксваген ИД.4 и ИД.7 се една класа премногу. Од модели што се поразумен, а тоа значи подостапен избор, остануваат Фолксваген ИД.3, шампионката Шкода Елрок и Киа ЕВ3. Токму во третава група цели Сузуки со својата е-Витара.
Тоа што отсекогаш било адут на Сузуки и ги привлекувало купувачите кон јапонската марка, секако е противвредноста. Електричната Витара, иако го носи името на класичниот модел што постигна одлична продажба на македонскиот пазар, поседува поголема каросерија и располага со попросторна кабина, благодарение на тоа што електричниот погон зафаќа помалку простор од погoнот со мотор со внатрешно согорување.
Е-Витара е долга 4,275 метри, наспроти 4,185 метри на Витара, но огромна е разликата во меѓуоскиното растојание, со 2,7 наспроти 2,5 метри. Тие 20 сантиметри екстра во растојанието меѓу оските, точно укажуваат на дополнителната просторност што може да се очекува кај електричниот СУВ.
Каросеријата е поширока 2,5 сантиметри, и е-Витара со 1,635 метар ја надвиснува Витара за точно 4 сантиметри. Растојанието од земја доби 5 милиметри екстра, вкупно 18 сантиметри. Во багажникот ќе биде потребна малку поголема рационалност при товарањето, со 310 литри, што е за 65 литри помалку од бензинскиот модел, но секако останува соборувањето на задната клупа во три дела, за превоз на покрупен товар. Дополнителна приспособливост доаѓа од лизгачката задна клупа.
Досег до 426 километри во врвната изведба на Сузуки е-Витара
За перформансите, за основниот модел со електромотор со 106 кВ/144 КС, Сузуки наведува спринт од 9,6 секунди до темпо сто, што е на ниво со хибридната Витара, додека крајната брзина изнесува 150 километри на час. Тоа е вообичаено ограничување кај ЕВ, за да се избегне прерано празнење на батеријата.
На подолг пат, првиот електричен Сузуки полни батерија за 45 минути на брз полнач
Јапонците наведуваат потрошувачка од 14,9 киловатчасови на 100 километри, што со батеријата од 49 киловатчасови во основниот модел, овозможува досег до 344 километри. Во најнеповолното сценарио, при приклучување на обичен домашен приклучок за струја, на Сузуки е-Витара ќе ѝ бидат потребни 390 минути. При користење домашен полнач од 7 кВ, тоа се скусува на 270 минути, додека на брз полнач, батеријата е полна 80 проценти по 45 минути.
Постојат уште две варијанти, едната е со моќност од 128 кВ/174 КС и батерија од 61 кВч, втората е со погон на сите тркала и втор електромотор назад со 48 кВ, со вкупно 135 кВ/184 КС и исто така со батерија од 61 кВч. Втората варијанта постигнува досег до 426 километри, додека кај изведбата со погон 4х4, тој се скусува на 395 километри.
Основниот модел според првите објави на Сузуки Ауто во Македонија чини 33.990 евра. Податоци за опременоста и за останатите изведби ќе бидат соопштени наскоро, засега има најава дека првите возила ќе пристигнат веќе во следниот месец, кога го очекуваме и тест-возењето во Аутомедиа.
Опременоста е вообиачено висока и уште во основниот модел би требало да се очекуваат тркала од лесен метал од 18 инчи, приспособлив темпомат, дигитални инструменти од 10,25 инчи, заедно со средишен дисплеј од 10 инчи, навигација, сензор за дожд, електрично собирање на ретровизори, сензори и задна камера.
















