Четворката од компактни доставни возила на Стелантис, сочинета од познатите Ситроен Берлинго, Пежо Партнер, Фиат Добло и Опел Комбо, добива нова моделска изведба, што е подостапна. Но, има и бројни новини што ја зголемуваат практичноста.
Концернот Стелантис при претставувањетo на новата моделска изведба на „берлинго-партнер“ настапува од позиција на лидер на пазарот на доставни возила, со удел од 48,2 проценти на поширокиот европски и 70,8 проценти на средноисточниот и афиканскиот пазар.
Ерик Лафорџ, потпретседателот на огранокот за доставни возила Стелантис Про Уан, на денешниот состанок со медиумите потсети и на револуцијата, што во 1996 година ја постигнаа Ситроен Берлинго и Пежо Партнер, своевремено едни од најпродаваните модели и на македонскиот пазар. „Да се биде лидер, обврзува голема одговорност“, кажа Лафорџ, додавајќи дека при развојот на новата моделска изведба на Берлинго-Партнер-Добло-Комбо, раководејќи се според реакциите од корисниците, „развивме рационално, комфорно и модуларно возило, понудувајќи единствени решенија што се уникатен аргумент за продажба.“
Компактните ванови се најпродавана моделска серија на Стелантис, во целата понуда од патрнички и допставни возила на концернот
Зафатите што се направени за да се воведе новата и подостапна изведба на ванот се очигледни таму каде што тоа треба да биде најочигледно, во цената. Нуно Моргадо Маркез, директор на глобален маркетинг и на гоу-ту маркет, соопшти дека новата изведба е околу 1.300 евра подостапна од досегашната основна изведба, во изведбите со мотор со внатрешно согорување, односно околу 3.000 евра во електричната изведба.
Тоа се вредности што се однесуваат за западноевропските пазари, точните цени за македонскиот пазар ќе бидат објавени наскоро. Четирите марки на Стелантис почнуваат со нарачки за изведбата Смарт Компакт Ван во септември, а испораките ќе следат од ноември.
Лука Маренго: „Не менувавме во суштинските вредности“
Како што напомена директорот за развој на модели и иновации Лука Маренго, пониската цена е постигната без да се зафаќа во суштинските подрачја, а тоа се носивоста, просторноста, практичноста и воопшто техниката. Новите модели што се водат како Смарт Компакт Ван имаат поедноставен преден браник, што не е лакиран и осмислен е првенствено со цел да биде издржлив во работното секојдневие.
Но, суштината на „смарт“ во квартетот доставни модели е во совозачкото седиште. Место да се вградува исто седиште како возачкото, применета е поедноставна изведба, но и попрактична. Флексисит, односно приспособливото совозачко седиште, поседува седечка површина што се подигнува и со тоа создава дополнителен искористлив простор со зафатнина до 0,5 метар кубен.
Сликата на совозачкото седиште на доставувачите на пакети верно прикажува колку неред се создава инаку
Овој зафат следи како резултат од искуствата од корисниците и истражувањата на производителот. Во едвај едно од секои десет возила има потреба од совозачко седиште, односно тој простор останува полуискористен. Како навистина изгледа секојдневието, одличен пример ни даваат доставувачите на пакети, во чијшто возила секогаш има некој неред околуи просторот на совозачкото седиште.
Флексисит добива дополнителна смисла кога ќе се додаде Модуконзол. Тоа во основа е масичка што се продава како прибор за возилото во салон, и се поставува како своевидна работна платформа за возачот. Врз неа може да се постави лаптоп, да се средуваат документи, да се одложи работен алат, во суштина, мошне практично решение. Дополнително има и лизгачка платформа, што досега до скут.
Кокпитот исто така е различен, а тоа во случајов значи поедноставен. Но, така се постигнува цената. Во станардната изведба, озгора на арматурната табла се наоѓаат отворени прегради. Тие се практични и така, но може да се доплати за Дешбокс, односно две затворени кутии со поклопец, што се вметнуваат во тие прегради. Дешбокс исто така ќе биде достапен како прибор и ќе може да се нарача во салон.
Ознаките на новите моделски изведби во гамата на 4-те марки
- Ситроен Берлинго Ван Фрст
- ФИАТ Профешенал Добло ИзиПРО
- Опел Комбо Старт
- Пежо Партнер Актив
Замислата при развојот на Смарт Компакт Ван, беше да се понуди и изведба што ќе биде подостапна и ќе се прошири кругот на купувачи, но да се понуди и изведба што со припособливоста ќе излезе во пресрет и на корисници што имаат дополнителни потреби. Во таа смисла, се нуди и фиока под возачкото седиште, како ставка што се чини дека долго време е заборавена на сцената. Можно е понатаму да се додадат и други ставки во оваа насока.
Стандардната опременост офаќа лизгачка врата, системи за асистенција, електрична паркирна сопирачка, мануелен клима уред, поврзување со телефон, на што може да се додава од понудата од 12 дополнителни ставки, како средишен дисплеј од 10 инчи или задна камера.
Може да се избира и конфигурацијата на седиштата, односно место стандарното Флексисит, може да се нарача изведба со тројна клупа, со соборување на средното и крајното седиште, за просторот да може да се користи или како маса, или за превоз на предмети долги до 3,4 метри.
Димензиите остануваат, со две достапни должини, носивост од 750 килограми до 1 тон, и товарен простор од 3,3 до 4,4 метри кубни.
За моделите од четирите марки, ќе бидат достапни целосно електрична изведба со нов елеткромотор и досег до 270 километри, како и две дизел (100 и 130 КС0) и една бензинска (110 КС) изведба. В година доаѓа и верзија со благ хибрид, што ќе биде прв таков погон во сегментот. Може да се очекуваат верзии со системски 110 или 145 КС.















