Овој автомобил пред 30 години ја стави Македонија во возење

Шкода Фелициа, прв модел на чешката марка како дел од групацијата Фолксваген, одбележува 30 години. Како преработка на популарната Шкода Фаворит, но со зафати на Волфсбург во инженерингот и техниката, Фелициа се ценеше како сосем нов автомобил. Од 1994 до 2001 година беа произведени 1,4 милион примероци. Автомобилот има големо поглавје во македонската историја на четири тркала.

Колку нештата се сменија и колку работите некогаш се движеа во вистинската насока и во оваа наша напатена Македонија, сведочи токму поглавјето со смената на Шкода Фаворит во Шкода Фелициа, во средината на 1990-те. Чешката алтернатива на Застава 101, одеднаш почна да се гледа како модел на Фолксваген. Двете бутки Кен во Битола, од коишто во почетокот се одвиваше сиот увоз и продажба на Фелициа, со ѕвездена брзина се престорија во тогаш најдовремениот, најугледен, најголем продажно-сервисен центар во земјата. Шкода во следните години беше дел од уличната слика, со салонот кај тогашен Трготекстил.

Тоа не беа по десетина примероци месечно, туку продажбата повеќе се движеше кон 2.000 примероци годишно. Темата Фелициа беше толку важна на сцената, што тогашниот и единствен автомобилски магазин Ауто Плус – што нема апсолутно никаква поврзаност со сегашнава пародија и фалсификат под слично име – ја стави Шкода Фелициа во својот возен парк на супертест, заедно со Ланча Делта и првиот Рено Меган. Не обична, туку со 1,6-литарски бензинец со 75 КС, со релативно кус пренос и жестоко забрзување.

Тоа им беше пропратна занимација на тогашните маркетинг и организаторски мајстори на Ауто Плус, господата Венцислав Гашевски и Жарко Атанасоски, кои некогаш ќе спомнеа како Шкодата претркувала многу посилни автомобили на старт од семафор. Фелициа патуваше секој тркачки викенд, што на кружни трки, што на ридски трки, што на мотокрос трки, насекаде. Зад таа силна маса фотографии што сведочат за ѕвездениот македонски мотоспорт во тоа време, стојат Венцислав и Фелициа.

Овој мотив често се гледаше во тогашните печатени медиуми, главно во оригиналниот и единствен автомобилски магазин Ауто Плус од тоа време (денес под тоа име лажно се претставуваат параван-новинари)

Нештата во Македонија оттогаш се сменети, не на полошо, туку на најлошо. Место чесно и достоинствено да се вози нова Шкода Фелициа (и воопшто модели од таа класа), односно денес Фабиа, се парадира во користени бемвиња и аудија собрани од бугарски пред-отпади, преплатени двојно повеќе отколку што вредат, донесени тука колку да извозат додека не завршат во отпад. Истото и со мотоспортот, не постои, додека магазините и вооошто новинарската работа во автомбилизмот, сведено е на параван-медиумски присуства, што служат поединци да се сликаат со кола преку викенд и да ги спамираат македонските профили на автомобилските марки на друштвените мрежи. До толку е.

Шкода Фелициа, херојката, почна да се продава во октомври 1994 година, како наследничка на Фаворит. По шест месеци следеше комби. Во преработката на Фаворит во Фелициа, учествуваше Фолксваген. Повеќе нешта беа сменети, отколку што останаа несменети, но луѓе пак ја гледаа Фелициа како сосем нов модел. Фолксваген! Чесите три години пред тоа станаа дел од групацијата.

Премиерата се случи на 26-ти октомври 1994 година, на светски прочуениот Карлов Мост во Прага. Производството во Врхлаби веќе беше почнало во фабриката во Врхлаби, во септември. Млада Болеслав се придружи во продукцијата на 17-ти октомври. Фелициа од концернот Фолксваген ги доби моторите, современите системи за безбедност и за комфор. Моделот не познаваше за граници на пазарите во Европа.

Во споредба со Фаворит, Фелициа е подолга за 40 и поширока за 15 милиметри. Со тоа и багажникот порасна на 272 литри, 21 литар повеќе,

Основниот модел возеше со бензинец од 1.289 сантиметри кубни, со 55 и со 68 КС. Во 1995 година дојде моќниот 1,6 МПИ со 75 КС, а потоа и фамозниот дизел од 1,9 литар со 64 КС. Шкода доби АБС, четири воздушни перници, серво управување, клима уред, патен компјутер, греење на предните седишта, па и кожа. Сето тоа беше ново за чешката марка. Шкода Фелициа понесе наслов на Автомобил на 1994 година во Република Чешка.

Каросериска варијанта и за занает и за забава

Во јуни 1995 година, во серијата беше додаден комби модел, долг 4.205 милиметри, со багажник од 447 литри. Два месеци подоцна, Квасини почна да произведува пикап и ван. Врв беше Шкода Фелициа Фан, врз основа на пикапот, но стилски преработена. Од овој лајфстајл-модел во дречлива жолта боја се произведоа повеќе од 4.000 примероци. Фан-от беше веројатно зачетник на Симпли Клевер манијата на Шкода. Пикапот имаше дополнителни две седишта што се извлекуваа во товарната платформа.

Шкода Фелициа Фан

Фејслифтот дојде во февруари 1998. Надворешноста беше донесена во линија со Октавија, што предизвика уште поголема бура откако се појави во 1996. Должината пак порасна за уште 28 милиметри, односно 32 за комбито Форман. Имаше и нови бои, нова опрема.

Специјални изведби и успеси во мотоспортот

Гордиот модел низ годините се појавуваше во бројни посебни серии и изведби. Во 1995, првпат беше понудена изведба Лорин и Клемент, луксузен модел именуван по основачите на Шкода. Во следната година дојде Атланта, специјално издание за Летната Олимпијада. Сериите носеа имиња Спорт Лајн, Колор Лајн, Екселент, Меџик, Фемили, Мистери. Последниов имаше мотив од прочуениот Астрономски Часовник во Прага.

Модели на Шкода произведени во најмногу примероци

Во јуни 2001 година, последната Шкода Фелициа си зaмина од лента, со сериски број 1.401.489.

Фелициа го продолжи успешното поглавје на Шкода во мотоспортот и возеше во кралицата на релито, во Светското Првенство во Рели, од 1995 до 1997 година. Шкода Фелициа Кит Кар имаше 1,3, потоа 1,5, на крај 1,6-литарски мотор, тјуниран од Шкода Мотоспорт, до 174 КС. Тркачката Шкода изгради име како издржлива и управлива машина.

Видеото од тестот на Шкода Октавиа

Претходна објаваКина бара производителите на автомобили да престанат со ширење во ЕУ
Следна објаваКиа во последното тромесечје продаде над 750.000 возила, прометот порасна за 4 проценти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here