Кога треба да се одмерат силите во тешката категорија, не постои померодавно соочување од прочуениот тест од 1000 бодови на специјализираниот магазин Fernfahrer. Најреномираниот споредбен тест за товарни возила на европска почва го има најновиот победник, Scania R 450. Шведскиот тешкаш поентираше со најниска потрошувачка на гориво од 30,0 литри на сто километри. Навистина е импресивно тоа што денешните камиони го постигнуваат со оваа количина гориво.
Според експертите на Fernfahrer (или во превод возач на долги релации), влекачот со 450 КС на Scania ја совладал тест-патеката штедливо, но динамично, оставајќи ги зад себе конкурентите Mercedes-Benz Actros 1845 и Volvo FH 460. Истиот редослед важи и за оцените на кабината на класичното камионско трио.
Scania R 450 освоила вкупно 954,5 од можните 1000 бодови, Mercedes-Benz Actros 1845 следи со 943,3 бодови и со минимална предност во однос на третопласираниот Volvo FH 460 со 941,9 бодови. Споредбениот тест од 1000 бодови годинава е објавен во 25 европски и седум светски специјализирани медиуми.
















