Rinspeed Xchange: Каде што возачот станува возен

Новата студија на Швајцарците изгледа како обична лимузина. Но, внатре е како во бизнис класа во авион. Возачот може да си одмори, затоа што неговата работа ја презема автопилотот.

Кога автомобилите ќе почнат да возат сами, луѓето зад воланот одненадеж ќе имаат на располагање многу време. Швајцарската каросериска работилница Rinspeed за салонот во Женева подготви студија на возило во кое што ова слободно време може да се помине на најдобриот можен начин.

Концептниот автомобил Xchange изгледа како обична патничка лимузина со спортска нота во дизајнот. Тоа не е случајност, затоа што Rinspeed го искористи како основа Model S на специјалистот за електрични автомобили Tesla. Во внатрешноста е друга приказна. По желба на возачот, внатрешноста се претвора во удобна дневна соба или функционална канцеларија. Главната идеја е во специјалните седишта што се конструирани по пример на авионските седишта и се местат во повеќе положби, ротираат и се преклопуваат. На располагање стојат повеќе од 20 можни положби. За воланот да не пречи, тој се вовлекува во кокпитот со помош на електромотор.

Како што седиштата може да се наместат во повеќе положби, така и инструментите и основните контроли се варијабилни. Во кабината се наоѓаат четири дисплеи за прикажување на важните информации, на места што се највоочливи. Ракувањето со сите функции се врши преку гестикулација. За атмосферата да биде максимално релаксирачка, огромниот покрив од плексиглас се менува во боите на виножитото.

На швајцарското потекло на концептниот автомобил укажува автоматскиот „навиткувач“ на часовници во форма на земјина топка, изработен рачно во работилницата Carl. F. Bucherer. Овој уред почнува да се движи кога возилото мирува и ги навиткува автоматските часовници на него.

Сериско производство не се планира. Исто како и претходните студии на Rinspeed од салонот во Женева, Xchange е визионерска вежба што поттикнува размислувања за иднината. Лани Швајцарците покажаа 3,6 метри долг минибус за петмина, кој ги решава проблемите со сообраќајот во големите градови. Една година пред тоа видовме Smart со погон на струја, на кого му се закачува приколка со батерии и со дополнителен багажник, за патување на подолги релации.

Претходна објаваПред сезоната за велосипеди: Нов Porsche за 2.500 евра
Следна објаваFerrari е најсилна марка во светот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here