Renault TreZor ја освои наградата за најубав концептен автомобил на престижниот собир на скапоцени и уникатни автомобили покрај езерото Комо во Италија. Дизајнот на концептот со електричен погон ги најавува стилот и технологијата во идните модели на Renault.
Жирито на Конкорсо д‘Елеганца Вила д‘Есте реши наградата за најубав концептен автомобил годинава да му ја додели на Renault TreZor. Наградата вчера му беше врачена на главниот дизајнер Лоренс ван ден Акер. Премиерно прикажан на салонот во Париз во септември, TreZor претходно беше прогласен и за концептен автомобил на годината на меѓународниот автомобилски фестивал во Париз, како и за победник во својата категорија на салонот во Женева.
Престижниот Конкорсо д‘Елеганца Вила д‘Есте се одржува на брегот на италијанското езеро Комо уште од 1929 година. Манифестацијата се одржува секоја година и привлекува голем број автомобилски ентузијасти и колекционери од цел свет, со цел автомобилите да се прослават како скапоцено и безвременско уметничко дело.
https://www.facebook.com/concorsodeleganzavilladeste/videos/1428029090590897/
За квалифицирање во категоријата на прототипи и концептни автомобили, TreZor мораше да задоволи строги критриуми, како целосно функционален автомобил, изработен со висок квалитет и со оригинален дизајн. Спортскиот автомобил со впечатливо отворање на покривот за пристап во кабината ги прикажува стилските линии на идните модели на Renault. Електричниот погон потекнува од болидите од шампионатот во формула Е, со моќност од 350 КС и вртежен момент од 380 њутнметри.



















