
Тој заеднички франко-кинески проект сега е на пат да прерасне во најголем производител на мотори до 2035 година. Намерата со овој потег беше, на традиционалните производители на автомобили, да им се понуди снабдување со мотори со внатрешно согорување (МВС), додека тие се движат во насока на електромобилноста.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја укина поддршката за ЕВ, додека европските производители притискаат ЕУ да се откаже од намерата да се забрани продажба на возила со МВС по 2035 година. Во меѓувреме, на пазарите во раст исто така подзабави продажбата на ЕВ.
Хорс очекува во 2029 година да постигне промет од 15 милијарди евра, преку снабдувањето на производителите на автомобили со широк спектар на погонски решенија, од хибриден погон, до малечки МВС што служат како генератори за да им се продолжи досегот на ЕВ. Тоа би било 80 проценти поголем промет отколку во 2024 година, проценуваат Ројтерс.
„Производителите на автомобили не можат да прават сé“, изјави извршниот директор Матијас Џанини. „Ние мораме да им помогнеме.“
Скептиците предвидуваат, откако продажбата на ЕВ ќе ја мине преодната точка – поголема продажба на ЕВ отколку возила со МВС – понатаму сé ќе се одвива многу брзо, и поради тоа, ценат дека потегот на Хорс е преголем ризик за на долг рок.
„Вложувањето во традиционалната технологија на мотори е исто како Кодак да се бори за филм во дигиталната ера,“ вели Џини Бакли, извршна директорка на вебсајтот Electrifying.com. „Тоа може да функционира кусо, но часовникот врти.“
Видеото од тестот на Мини Купер во Аутомедиа
Не се достапни бројките за бизнисот на Хорс, пред зделката да биде финализирана кон завршетокот на 2024 година. Ројтерс сепак пресмета дека двата бизниси (Рено и Џили) пред спојувањето, во 2023 година оствариле продажба вредна 8,3 милијарди евра.
Џанини вели дека Хорс во моментов е трет најголем производител на мотори во светот, со 17 фабрики за мотори и менувачи што претходно беа во сопственост на Рено, холдингот Џили и Волво, вклучувајќи осум фабрики во Кина.

Производителите на автомобили, како Порше, Ферари, Стелантис и Форд, го забавија преоѓањето на ЕВ, додека во Кина се случува голем бум со компании што произведуваат евтино, што значи дека автомобилите што користат фосилни горива ќе се продаваат добро и во 2040-те години.
„Моторот со внатрешно согорување не е мртов“, вели Пјер Лорет, аналитичар за погони во С и П Глобал.
ЕВ сé уште се гледаат како иднина: ЕВ и приклучните хибриди учествуваат со 47 проценти во продажбата на нови автомобили во Кина годинава, а продажбата на ЕВ во Европа годинава порасна 25 проценти.
Тоа ги става производителите на автомобили пред тежок избор: Дали во исто време да се вложува во ЕВ и во модели што користат фосилни горива, или пак е подобро едниот дел да им се препушти на други.
Силата на Хорс е во европското искуство и во кинеската масовност што ги скусува трошоците
„Ако се обложуваш на секој број во рулетот, ќе добиеш,“ вели Бил Русо, извршен директор на консултантската куќа Аутомобилити во Шангај. „Но, нема да заработиш, затоа што си ставил премногу облози.“
Хорс може да се потпре на европското искуство и на кинеското масовно производство, за да ги скуси трошоците на производителите на автомобили, додава Русо.
Џанини предвидува дека 50 проценти од новите автомобили во 2040 ќе бидат ЕВ. Други предвидуваат повеќе од тоа. Но, и тогаш, на десетици милиони нови автомобили со хибриден погон и натаму ќе им бидат потребни мотори.
„Да ги оставиме производителите на автомобили да се посветат на својата транзиција кон ЕВ … помагајќи им со штедливи хибридни мотори и менувачи,“ вели Џанини.
Рено очекува дека во 2030 година ќе заштеди 2 милијарди евра, со тоа што развојот на мотори ќе го препушти на Хорс. Таа заштеда, Џанини ќе ја искористи за да привлече нови клиенти.
Хорс во моментов произведува преку осум милиони мотори и менувачи годишно, за преку 15 производители на автомобили, како Рено, Дачиа, Волво, Нисан, Мицубиши, па и за Мерцедес-Бенц.
Според извор што е упатен во случувањата, Хорс покрива околу 100 проекти со сите свои производи и на сите пазари, од автомобили и глисери, преку градежна механизација, до дронови.
Џили и Рено поседуваат по 45 проценти во Хорс. Преостанатите 10 проценти припаѓаат на компанијата за нафта Сауди Арамко.
Фил Дан, директор во консултантската куќа Гранд Торнтон Стакс, вели дека Хорс нема смисол за производители како Ферари, коишто самите си развиваат специјални мотори.
„Но, за решенија за масовниот пазар, тоа е совршено.“
Основачот на Џили, Ли Шуфу, вложи милијарди во ЕВ на Лотус, Полстар и Волво, но повеќето од тие проекти не успеаја, поради што Хорс се чини дека е неговиот најдобар потег досега.
Хорс вложува во нови технологии, вклучувајќи приклучни хибриди. Тие лансираа и мотор со големина на актовка, за вградување во електрични возила, за да им се продолжи досегот (ЕРЕВ).

Сем Фјорани, потпретседател во истражувачката куќа Ауто Форкаст Солушнс, вели дека во Кина се продаваат околу 30 модели ЕРЕВ, а се очекува тој број до 2030 да се зголеми на 45. Тој предвидува и дузина модели во САД, што во 2030 година ќе достигнат продажба од 200.000 примероци, наспроти „практично нула во моментов“.
Лусјен Матје, директор за автомобили во европското здружение Транспорт и Животна средина, вели дека вниманието треба да се насочи кон забрзување на преоѓањето кон ЕВ.
„Наивно е да се поддржува Хорс, зашто тоа значи дека ќе се продолжи со вложување во застарени технологии, додека светот преоѓа на елеткрика,“ вели Матје.















