Француската марка по традиција го користи летото за претставување специјални серии од најлутата верзија на Megane. Новата изведба Cup-S доаѓа стандардно со детали што обично користат на трка, како замена за R.S. Trophy.
Последната ексклузивна серија на Megane Coupe R.S ја носи дополнително ознаката Cup-S и доаѓа стандардно со тркачко подвозје и моќност од 273 КС. Со тркачкото подвозје целосно се искористуваат динамичките квалитети на Megane R.S. Главен детал е механичката блокада на диференцијалот со блокирачко дејство од 35 проценти, за порано забрзување во свијоци и оптимална тракција при совладувањето на истите. На тоа се надоврзуваат амортизери „Road & Track“, коишто потекнуваат од мотосопортот и изработени се од шведскиот специјалист Öhlins, со изобилство од можности за дотерување според патеката и според возачот. Двократниот вентил во овие амортизери гарантира дека придушувањето при ударните и повратните одови ќе се остварува со истата динамика, затоа што течноста во амортизерите минува по истиот пат во обете насоки. Напред се вградува подебел стабилизатор, за уште помало странично наведнување на каросеријата во свијоци, а зад бандажите ѕиркаат сопирачки со високи перформанси од Brembo.
Cup-S е замена за Trophy пред пристигањето на новата генерација на Megane
Надворешен белег на Megane R.S. 275 Cup-S се бандажите од 18 инчи со дизајн „оркан блек-мат“ и гуми Michelin Sport Cup 2. За тркачка атмосфера во кокпитот се грижат спортскиот волан обложен со алкантара и спортските седишта. Во стандардниот пакет на Cup-S спаѓаат и издувен систем изработен од титаниумска легура, мултимедиски систем Renault R-Link со пристап на интернет и R.S. Monitor, преку кого може да се следи актуелната ангажирана моќност на моторот и вртежен момент, вредностите на забрзувањето или притисокот на натполнење и температурата на масло во моторот.