Светската продажба на електрични автомобили, вклучувајќи приклучни хибриди, во минатата година пораснала за 28 проценти. Вкупно се продадени 17,5 милиони ЕВ. Главен двигател на пазарот е Кина, потврдува извештајот на Светската Агенција за Енергетика.
Од вкупната продажба на возила со електрифициран погон, 11 милиони се батериски електрични возила, што е за 16% повеќе во споредба со 2023 година. Приклучните хибриди постигнале уште поголем раст и со зголемувањето од 55% достигнале вкупно 6,5 милиони возила, наспроти 4,2 милиони во 2023 година.
Во ЕУ се продадени 2,2 милиони БЕВ (батериски електрични возила) и на тоа уште 980.000 ПХЕВ (приклучни хибриди). Продажбата на БЕВ е непроменета, додека продажбата на ПХЕВ е намалена за 20.000 возила.
Зголемената побарувачка за електрифицирани возила во Кина доаѓа главно од растот кај ПХЕВ. Нивната продажба во земјата порасна 82 проценти и достигна 4,9 милиони возила. Растот кај БЕВ изнесува 19%, вкупната продажба е 6,4 милиони.
Видеото од тестот на електричен Донгфенг Бокс
Раст кај електричните во САД и ОК; Германија и Франција, де угоре де удолу
Во Европа, германскиот пазар на електрични автомобили имаше спротивни трендови. Продажбата на БЕВ опадна на 380.000 возила, што е пад од 27 проценти, но имаше раст кај ПХЕВ, со 190.000 возила или за 5,6 проценти повеќе од преклани.
Францускиот пазар регистрираше 300.000 нови БЕВ (-3,2%), но и ПХЕВ паднаа за 6,3 проценти, на 150.000 возила.
Различен е трендот во Обединетото Кралство, со раст на БЕВ од 23 проценти и 380.000 продадени возила. ПХЕВ напредуваа 21 проценти, на 170.000 возила.
Пазарот во САД пријави 1,2 милион БЕВ во 2024 година, што претставува раст од 9 проценти. ПХЕВ исто така имаа раст, од 10 проценти, и 320.000 возила.
Светската Агенција за Енергетика за 2025 година предвидува продажбата да достигне 20 милиони. Тие сепак не предвидуваат како посебно ќе се движат пазарите на БЕВ и ПХЕВ.
„Во првите три месеци од 2025 година, продажбата на електрифицирани возила напредувала 35 проценти, со рекордна продажба на сите поголеми пазари во светот“, стои во извештајот.
За 2030 година се предвидува пазарот на ЕВ да достигне 40 милиони возила
Агенцијата прогнозира дека светската продажба на електрифицирани возила во 2030 година ќе изнесува 40 милиони возила, од кои 28 милиони БЕВ и 12 милиони ПХЕВ.
За Кина се предвидуваат 13 милиони БЕВ, односно 8,2 милиони ПХЕВ.
Прогнозите за Европа се 8 милиони БЕВ во 2030 година и 1,5 милион ПХЕВ.
Во САД, според Агенцијата, ќе се продадат 2,7 милиони БЕВ и 670.000 ПХЕВ.
















