Откако човек еднаш ќе се реши да купи Porsche, повеќе ништо не го спречува. Овој вовед што во себе содржи по малку иронија, во реалноста значи дека автомобил од спортската марка од Штутгарт отсега може комотно да се нарача преку „интернет“ во девет држави во Европа.
Сонот да се седне во сопствен спортски автомобил, фановите на Porsche отсега можат да го остварат и од домашната фотелја. Откако спортската марка лани во октомври започна со онлајн-продажба на своите возила во Германија, сега се придружуваат уште осум европски држави.
Купувачите во Шпанија, Португалија, Швајцарија, Италија, Франција, но и во Словенија, Полска и Естонија, можат да набават нов или користен автомобил преку дигиталниот канал за продажба во мрежата на Porsche во одделната држава.
„Бројките и позитивните реакции на клиентите и дилерите потврдуваат дека со нашата онлајн-понуда постигнавме вистинска пресвртница во дигиталната продажба на возила. Во 2021 година ќе продолжиме да го воведуваме овој начин на продажба на останатите пазари“, изјави Барбара Френкел, директорка за продажба во Европа.
Во некои земји, онлајн-купувањето вклучува и испорака на возилото до домот на клиентот
Дилерите во деветте држави ги нудат повеќето достапни нови и користени возила на платформата. На лагер се наоѓаат и основни моделски изведби, но и ретки примероци. Целта е понудата да се развива во пазар што ќе ги нуди сите производи и услуги на Porsche.
Од досегашните анализи, 40% од онлајн-купувачите во Италија се нови во марката. Таму посебно се бараат користени возила, кои учествуваат со 90% од продадените возила. Porsche 911 е најпродаван модел во Италија – преку онлајн-каналите.
Освен во Европа, онлајн-услугата од есенва е достапна и за клиентите на Porsche во САД и Кина. По дигитален пат може да се нарачаат и производи и прибор од понудата на германската спортска марка, исто како и туристички аранжмани.
>>> Porsche Taycan со лизгање до светски рекорд

















