Столчето е постабилно ако има три ногарки, отколку две. Според тоа мото, менаџментот во Цуфенхаузен се раководеше пред две децении, кога почнуваше авантурата на Porsche во СУВ-сегментот. Двете ногарки се однесуваат на Porsche 911 и Boxster, кои беа единствени модели во 1990-те години.
Првиот СУВ на Porsche, Cayenne, надмина еден милион продадени примероци. Приказната започнува кон крајот на 1990-те години, со развојот на идниот СУВ. Светската премиера на моделот следи веќе во 2002 година. Од фабриката во Братислава, Словачка во меѓувреме се симна милионитиот примерок од оваа моделска серија. Станува збор за Porsche Cayenne GTS со кармин-црвена боја, нарачана од клиент во Германија.
Cayenne не е „само“ првиот СУВ на Porsche, туку беше воедно и спасител на марката. Големиот пад на вредноста на доларот и скапите трошоци, ја ставија спортската марка во криза. Во 1991 година, Porsche продаде само 23.000 автомобили, половина помалку отколку пет години пред тоа. До крајот на 1992 година, марката имаше загуба од 240 милиони дојч-марки.
Продажбата продолжи да се намалува и во 1992 се продадоа само 14.362 возила. Porsche имаше големи надежи, прикажувајќи го концептот на Boxster на салонот во Детроит во јануари 1993 година. Публиката реагираше позитивно. Сериското производство на Boxster започна две години подоцна. Во 1996 година, Porsche повторно произведуваше 32.000 возила.
https://photos.app.goo.gl/4vFUETeWGYzf8fDx7
Менаџментот реши да ја промени традицијата со два модела во понудата и да воведе трет модел. Но, каков модел ќе биде најдобар за Porsche? Започна проектот Colorado, во соработка со Volkswagen, заради преполовување на трошоците за идниот теренски автомобил. Спортски теренски автомобил, секако, со гени на Porsche.
Цуфенхаузен беше задолжен за развојот. Бидејќи марката не располагаше со доволни капацитети, беше изнајмен погон од 3.800 метри квадратни во индустриски парк во Хеминген. Тој беше на половина пат меѓу матичната фабрика и развојниот центар. Зад прозорските стакла со огледална површина се работеше тајно на модел што кусо потоа ќе ја смени целата сцена.
Премиерата на Porsche Cayenne се случи на салонот во Париз во 2002 година
Porsche првпат се огласи за новиот модел во 1998 година. Името уште не се објавуваше, но моделот беше најавен конкретно, како „спортски автомобил за секаков терен“. Се градеше нова фабрика во Лајпцих. Таа се изгради за две години, Porsche ризикуваше вложувајќи многу во проектот. За свеченото отворање на фабриката во август 2002 година, Porsche Cayenne веќе беше подготвен за производство. Моделот ја имаше својата премиера по само неколку недели, на салонот во Париз во август 2002 година.
https://photos.app.goo.gl/c5kHFTLgmd5Dbs656
„Colorado” се докажа како голем успех, Porsche профитираше добро од моделот и воедно ја зајакна соработката со Волфсбург. Спортската марка во лани воведе и втора каросериска изведба, Cayenne Coupé.
За изгледот на првиот Cayenne е заслужен тогашниот главен дизајнер, Холанѓанецот Харм Лагај. Од сите варијанти на моделот се изработија вкупно 275.000 примероци. Како новина во понудата, во втората генерација беше воведен и S Hybrid, подоцна преименуван со S E-Hybrid. Во 2014 година, Porsche прв понуди модел со приклучен хибриден погон во СУВ-сегментот. Актуелната генерација ја имаше својата премиера во 2017 година.
https://photos.app.goo.gl/WGFxrEZ8gjRwjXLV7
СУВ-моделот на спортската марка ја престигна продажбата на култниот модел 911 во фискалната 2007/2008 година. Cayenne всушност се продаваше двојно подобро од матичниот модел, со 105.000 примероци. Одделението за маркетинг доби одличен материјал за работа, кога Cayenne во 2007 година ги освои првите три места на теренскиот маратон TransSyberia Rally. На оваа исклучително предизвикувачка трка се минуваа над 7.000 километри за две седмици. Во следната година, Porsche ги имаше првите пет места.
https://photos.app.goo.gl/aeWWtyNwMmVF3zVH9
По десет години, Cayenne S Diesel се запиша во Гинис, откако влечеше Airbus A380 тежок 285 тони, на растојание од 42 метри. Секако дека спортскиот теренец на Porsche остави потпис и на Нирбургринг, како прв теренец што ја извозел предизвикувачката патека за помалку од осум минути.
https://www.instagram.com/p/CITFVI_BvhE/