за

Porsche Cayenne ги вози последните километри пред премиерата

Porsche Cayenne III

По серија тестирања и по студ и жега, по снег и кал, новиот Porsche Cayenne е на само неколку недели од премиерата во салонско издание. Платформата е нова, покуса од онаа кај Audi Q7 и идниот VW Touareg, тежината е намалена за над 100 килограми. Стилот останува од претходникот, со мал додаток од традицијата. Промените се поголеми во кокпитот.

Кога Porsche претстави теренски автомобил во 2003 година, љубителите на марката не беа единствените што сметаа дека доаѓа крајот на светот. Porsche Cayenne беше чиста спротивност на чистокрвните спортски купеа со мотор назад. Теренецот се појави како сестрински модел на Volkswagen Touareg. Потоа следеше и Audi Q7. Со фрапантни пропорции, беспрекорни теренски својства и големи мотори V8, Cayenne беше симбол на ексцесот.

Porsche Cayenne ја полнеше касата и овозможи проширување на моделската понуда

Скептиците набрзо замолчеа, затоа што Porsche Cayenne се продаваше како тазе испечен ѓеврек. Спортската марка од Цуфенхаузен заработуваше фантастично. Успехот на теренецот послужи како подлога за натамошно проширување на моделската понуда. По 14 години и по една моделска смена во 2010 година, Cayenne го изгуби лидерското место. Пазарот бара нов Cayenne. Новакот под интерната ознака Е3 ќе има премиера за само неколку недели.

New item by Automedia MK / Google Photos

Третата генерација на Cayenne ја користи платформата MLB Evo, којашто првично е развиена од Audi. За разлика од Q7 и од идниот Volkswagen Touareg, тој ја користи покусата од двете изведби на платформата. Со преоѓањето на MLB Evo, теренецот добива пристап до последните системи за асистенција и инфо-забавни системи, но уште поважно, до врвните погонски единици и компоненти од подвозјето со коишто располата концернот.

Светлечка лента во средина по пример на легендарната серија G од 911

Зимово Porsche Cayenne го мина во исцрпувачки тестирања на Големото Ропско Езеро на Северот на Канада. Пред неколку недели тест-карванот се пресели во Шпанија, кадешто финишира генералната проба пред стартот на сериското производство. Теренците имаа минимална камуфлажа, само колку да се „погреши“ вистинската форма на предните и задните светла. Но, најголемата стилска измена се крие оздола: Светлечка лента ги спојува задните светла, во стилот на легендарната серија G од 911.

New item by Automedia MK / Google Photos

Надворешноста ја почитува формата на претходникот. Повеќе измени има внатре, кадешто новиот Porsche Cayenne се раководи според луксузната Panamera. Принципот е класичен, со централен бројач на вртежи и TFT-дисплеи од обете страни. Со големиот дисплеј во средишната конзола се ракува преку допир, исто како и со застакленото поле околу рачката на менувачот. Разликата со Panamera е во триаголните држачи во средишната конзола и во потпирачите за рака.

Врвната моделска изведба Turbo S ќе располага со плагин-хибриден погон по примерот на Panamera

Најважното кај Porsche сепак се моторите. За почетокот на продажбата ќе стојат на располагање три мотори: Турбо V6 со 340 КС во основниот модел, битурбо V6 со 440 КС во Cayenne S и битурбо V8 со 550 КС во Cayenne Turbo. Подоцна ќе следи и плагин-хибрид, веројатно во две верзии, по пример на Panamera. Дизелите моментно се чувствителна тема, не само во концернот, туку и во целата бранша. Двете веријанти се класика, еден V6, еден V8. Сите мотори се во комбинација со осумстепен автоматик од ZF.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со преоѓањето на новата платформа, тежината е намалена за повеќе од 100 килограми. Тоа секако дека влијае и врз возните својства. Распределбата на вртежниот момент преку ламеласта спојка има стопроцентна варијабилност. Тоа значи дека на моменти целата погонска сила од моторот може да се пренесе или на задната или на предната оска. Првпат има две различни димении на гуми на обете оски. Место стандардната амортизација може да се доплати за активно подвозје со електронски регулирани амортизери. Трета опција е пневматска суспензија со три комори.

Премиерата на новиот Porsche Cayenne ќе се одржи на 30-ти август во Штутгарт.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

електрични автомобили норвешка

ЕУ бара задолжителна квота електрични автомобили

Nissan Tama електричен автомобил

Овој електричен автомобил е стар 70 години: Nissan Tama