за

Porsche 924 пред четириесет години возеше рели

За 40-от јубилеј од рели сезоната 1981 година, историското одделение на Porsche му приготви изненадување на двократниот светски шампион Валтер Рерл, со свежо реставрирана Porsche 924 Carrera GTS.

Заедно со совозачот Кристијан Гајстдерфер, прочуениот Рерл постигна четири победи во генерален пласман во златно-црниот Porsche 924 со реклама за коњак Monne, во германското првенство во рели во 1981 година. Тоа беше првата и единствена сезона во рели, во којашто Валтер Рерл возеше Porsche.

Основа за рели-автомобилот е Porsche 924 Carrera GTS, кој во 1981 година со цената од 110.000 германски марки беше најскап автомобил во понудата на Porsche и воедно најскап сериски модел на марката на сите времиња. Со моделските изведби Carrera, Германците сакаа да докажат дека трансаксијалниот погонски концепт може да биде успешен во мотоспортот.

Серијата се базираше врз 924 Turbo (Typ 931). Во јуни 1980 година се појави усовршената верзија 924 Carrera GT (Typ 937) со 210 КС, којашто послужи за хомологација за Група 4. Посилната варијанта од овој модел е 924 Carrera GTS (Typ 939). Стандардниот GTS постигнуваше 240 КС, варијантата Clubsport имаше 275 КС, додека тркачкиот GTR достигнуваше 375 КС. Серијата 924 Carrera GTS се произведе во мал број примероци: Само 50 возила, сите лакирани во индиска црвена боја. Заедно со прототипите, вкупно 59 возила.

Тркачката машина на Валтер Рерл исто така спаѓа во претсеријата и петта е од вкупно девет примероци. Дволитарскиот турбо-четирицилиндарец е од претсериската фаза, без сериски број. Моторот ја издржа целата сезона без дефект. Возилото до денес има поминато само 10.371 километри. Сите делови се во оригиналната состојба.

New photo by Automedia MK / Google Photos

По четири децении во музејското депо, доволно беше да се сменат само потрошните делови, неколку компоненти во подвозјето и системот за напојување со гориво. Сопирачките дискови од 911 Turbo се несменети, исто како и интеркулерот со рачно заварено куќиште. Со ендоскопија се покажа дека моторот и турбополначот KKK 26 се во беспрекорна состојба. Менувачот беше расклопен и повторно склопен, затоа што немаше што да се менува или поправа. Во музејот се најде и тркачка ламела, како и оригинални гуми 255/55 R15 од Pirelli.

На времето беа потребни само два месеци за автомобилот да се подготви за рели. Тоа подразбираше поставување заштита за задната оска, за картерот и за менувачот. Од големиот Porsche 928 со мотор V8 беше преземена пумпата за гориво, заради сигурно напојување на моторот при високи вртежи. Подмачкувањето со „сув картер“ се подразбира, маслото кај GTS се долева од багажникот.

Porsche го подготви автомобилот за 74-от роденден на Валтер Рерл, како проект под врвна тајност. „Изненадувањето беше огромно. Од автомобилот излегов пред 40 години и оттогаш нема седнато повторно во него. Затоа бев зачуден кога тимот од музејот на Porsche одненадеж пристигнаа пред мојот дом со овој автомобил“, се радува двократниот шампион. Рерл ја започна долгогодишната соработка со Porsche токму со овој автомобил. Тој денес е еден од амбасадорите на марката и вреден консултант при развојот на нови модели.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota купува компании за градот на иднината под Фуџи

BMW ги објави цените за електричната „четворка“ во Германија