По сто денови во служба, новиот шеф на марката Пежо, Алан Фави, ја претстави својата стратегија. Тој гледа „голем потенцијал“ во марката.
Реализам и амбиција, тоа се главните белези на начинот на работа на Алан Фави, кој во февруари го презеде местото на шеф на марката Пежо, наследувајќи ја Линда Џексон, која замина во пензија.
За 2025 година, Фави прогнозира 1,1 милион возила на светскиот пазар, од кои 800.000 во Европа. Во минатата година беа продадени 1,098 милион возила, така што новиот шеф цени дека марката е на добар пат да ги оствари плановите.
„Во првите четири месеци продадовме околу 400.000 возила во Европа и постигнавме удел на пазарот од 6,1 проценти, што е 0,4 процентен бод повеќе во споредба со истиот период лани.“ Потпирајќи се врз овие бројки, Фави очекува марката да ја постигне целта.

Отстапување од насоката кон премиум марка
Тој е многу реален околу темата за преоѓање во премиум: „Не сакаме да бидеме премиум марка. Пежо е во вишиот волуменски сегмент“, таму Фави го гледа местото на француската марка. „Пежо е и останува волуменска марка“, изјави тој во разговор со новинарите.
Во претходните години, Пежо во повеќе пригоди нагласуваше дека има планови марката да премине во премиумот во големоволуменскиот сегмент.
Фави сепак се дистанцира и од едноставните марки: „Ние исто така не сме во делот на ниските цени.“ Пежо се развива како марка со висока вредност во сегментите Ц (средна класа) и Д (виша средна класа), а покриен е и сегментот Б (градска класа).
Повеќе не постои интерес за А-сегментот
Тоа значи и дека Пежо повеќе не е заинтересирана за сегментот на мини-автомобилите (А сегмент). „Немаме намера да се враќаме во А-сегментот“, потврдува Фави.
Од 2005 до 2022 година, Пежо го покриваше и овој сегмент, прво со 107, а по него со 108. Во двете генерации, тоа беше идентичен модел со Тојота Ајго и со Ситроен Ц1, произведуван во заедничка фабрика во Колин, Чешка. Тојота во меѓувреме ја презеде фабриката во целост и продолжи да го произведува Ајго Крос.
Концернот сега има замена за овие пазарни сегменти што повеќе не се во фокус. Тоа е заедничката компанија со кинескиот производител Липмотор, којшто ќе помага во делот од пазарот што им припаѓа на евтините и едноставни електрични автомобили. Кинезите ќе ги опслужуваат А и Б сегментите, а во иднина веројатно и Ц сегментот, но не и над тоа.
Во поглед на технологијата важи пристап со сите видови погон
Во технолошки поглед, Фави ја гледа марката со лавот како пример во целиот концерн, за разновидност во видовите погон. Во 2023 година, Пежо најави дека по 2030 година ќе произведува единствено електрични автомобили. Тој план се смени.
„Електромобилноста е мошне важна за марката Пежо. Но, таа уште долго време нема да стане нашата единствена погонска техника,“ нагласува Фави. „Нашата сила се нашите мулти-погонски платформи. Тие препуштаат да изберат клиентите.“
Поради тоа, Пежо и во следните години ќе ги нуди новите хибридни модели 3008 и 5008 во верзии со погон на сите тркала и со посилни мотори.
Електромобилноста бара мрежа од полначи
„Кон завршетокот на годинава ќе постигнеме, во сите моделски серии да ги нудиме сите варијанти на погон – од хибриден погон, преку приклучен хибрид, до чисто електричен погон.“
„Сé додека мрежата од полначи не е развиена доволно, тешко ќе ги продаваме електричните автомобили, без поттикнување отстрана,“ вели Фави. Додека се постигне тоа, ќе поминат пет до десет години.
[the_ad id=”85764″]
Самокритичност околу однесувањето кон клиентите и дилерите
На тема, задоволство на клиентите и на дилерите, Фави е самокритичен.
„По малку се одвоивме од клиентите, а исто и од нашите партнери,“ оценува шефот. „Сакаме повторно да им се приближиме на клиентите и партнерите.“
На првото место на марката повторно е квалитетот. „Имавме извесни теми околу квалитетот,“ вели новиот шеф на Пежо. „Но, тоа е проблем, само ако не се погрижите околу него. Сега напоменуваме дека таквите проблеми ќе ги гледаме многу посериозно.“
(Извор: Аутомобилвохе)
















