Peugeot 208 со погон на компримиран воздух

Батериите се тоа што прави хибридните автомобили да бидат скапи. Затоа Peugeot планира да ги замени со друг акумулатор на енергија. Студијата за салонот во Париз покажува како би изгледало тоа.

На салонот во Париз во следниот месец Peugeot ќе прикаже студија на автомобил што користи нов вид на хибриден погон. Peugeot 208 Hybrid Air 2L користи боца со воздух под висок притисок во замена за вообичаените батерии и на тој начин минува 100 километри со помалку од три литри гориво.

Хибридната техника со компримиран воздух е развиена во соработка со марката сестра Citroen и со добавувачот Bosch. Оваа техника веќе неколку години се користи во возилата за собирање комунален отпад. Принципот на работа е ист како кај конвенционалниот хибриден погон со електромотор, со таа разлика што место генератор на струја се користи хидраулична пумпа за искористување на енергијата при сопирање, додека батериите се заменети со сад со воздух под висок притисок.

Хидрауличната пумпа е споена со погонската оска и при притискање на педалот за сопирање спроведува хидраулично масло во садот под висок притисок. На тој начин се компримира воздухот што се наоѓа во внатрешноста на овој сад. По потреба, оваа постапка се одвива по обратен редослед: Гасот се шири, хидрауличното масло ја задвижува пумпата, којашто во тој случај служи како мотор и ги задвижува погонските тркала. Цената на техниката е значително пониска во споредба со класичните хибриди со електромотор и батерии. Се очекува цената на возилото да се движи меѓу 15.000 и 20.000 евра.

Peugeot засега не ги открива податоците за перформансите и за потрошувачката на гориво. Но, имајќи во предвид дека и Citroen во почетокот на 2013 година претстави сличен хибриден модел на база на C3, може да се очекуваат слични вредности. Кај Citroen, хибридната техника со компримиран воздух овозможуваше возилото да забрзува само со енергијата на воздухот до брзина од 70 километри на час. Притисокот на воздухот се користи краткотрајно при забрзување и поаѓање, што треба да придонесе за значително намалување на потрошувачката на гориво во градски услови на возење. Citroen C3 Air Hybrid и неколкуте други прототипи постигнаа потрошувачка од 2,9 литри на сто километри.

Студијата на Peugeot би можела да постигне и пониска вредност на потрошувачката, имајќи во предвид дека тежината на каросеријата е намалена за 100 килограми со примена на алуминиум. Покрај тоа, возилото има дополнителна оптимизација на аеродинамиката, со специјални раткапни на тркалата и камери место надворешни ретровизори.

Претходна објаваOpel Mokka отсега ќе се произведува и во Европа
Следна објаваСомнежи за заостанати бомби во шефовската зграда на Volkswagen

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here