за

Opel Adam Rocks: Пародија на теренец

Марката со молњата бидна удрена од молња. Студијата Adam Rocks од ланската Женева сепак стана сериски автомобил. Ова се случува кога маркетингот ќе конструира автомобил.

Спортските теренци и кросовери владеат со сите класи возила, пазарот е незаситен за нив. Кога веќе може да мине Mokka, како теренец на база на Corsa, кој воопшто и не е лош, што се потврдува и со одличната продажба, зошто тогаш да не се направи теренец и од Adam? Евтино е градското возило да се трансформира во градски теренец. Пластиката ќе заврши работа, а од техниката се доволни и пружини што ќе ја подигнат каросеријата за 15 милиметри од подлогата.

На крај ќе се додаде и покрив што се отвора со електромотор, како дел од стандардната опрема и како симбол за животната страст кон природата, па уште и нов турбомотор со 115 КС. И колку на крај ќе чини овој Adam Rocks? Opel е горд што го има на пазарот првиот мини кросовер со три врати покус од четири метри. В ред, значи тоа го разликува Rocks од „возрасниот теренец“ Mini Countryman, со пет врати и подолг од четири метри?

cq5dam1

Друго и не може да се очекува кога автомобилот ќе го конструира маркетиншкото одделение на куќата. За ситуацијата да биде уште повеќе (траги)комична, купувачот може да доплати и за систем за самостојно паркирање. Навистина, многу е корисно кога автомобилот ќе се остави да паркира сам меѓу две дрва во шумата. Единствено е штета тоа што исклучителниот мотор 1.0 Ecotec, со турбонатполнење, директно впрскување и три цилиндри доживува премиера во теренскиот Adam. Потенцијално лошиот имиџ на Adam Rocks само ќе го нагрди овој технички бисер со голема иднина во другите модели на Opel.

Во денешното соопштение за печат од Риселсхајм со големи букви се забележуваат поимите Adam Jam, Adam Glam и Adam Slam. Што точно претставуваат тие, не е важно. Веројатно нивоата на опрема. Но, Џем, Глем, Слем? Можеби Гем, Сет, Меч? Победникот сигурно не е купувачот. Колку ќе биде цената на „теренскиот“ Adam ќе се знае по премиерата на салонот во Женева, а сериското производство ќе стартува дури во август.

Без разлика колку ќе биде основната цена на моделот, Rocks е конципиран како трендовски автомобил, кој го прикажува сиот замислен сјај на неговите креатори само во врвните моделски изведби, што значи и во најскапите. Со други зборови, ќе има и поевтини верзии, но и тие што ќе се решат за Adam Rocks, сигурно ќе се решат за најскапата верзија. Моделот Mokka, инаку, еден од највпечатливите и најсоодветни модели во новиот сегмент на мини теренци, кај нас стартува од 18.430 евра според актуелниот ценовник на марката. Во верзијата Slam (!), Adam чини 15.665 евра во стандардната каросерија, со 1,4-литарски мотор со 100 КС. Ситуацијата е јасна.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari е најсилна марка во светот

Toyota Aygo: Каде е мистеријата во виденото?