Новиот Мицубиши Паџеро оди во премиум, следат два помали теренци

Претседателот Кеисуке Кишиура ја пушти на сцена петтата генерација на Мицубиши Паџеро во Токио, ветувајќи продолжување на традицијата на цврсто теренско возило со историски успеси во релито, но надградено со одлики на премиум возило.

Мицубиши на 2-ри септември одржа премиера на петтата генерација на Паџеро, враќајќи го во игра својот врвен СУВ по отсуството од шест години. Новиот модел зафаќа во премиум сегментот, има три реда седишта и класична конструкција со носечка рамка.

Паџеро се врати во понудата од модели на Мицубиши, со план тој како полуксузен теренец со три реда седишта да го качи статусот на марката на пазарот и да ја врати продажбата како престижен модел што им се спротивставува на продажбите на Тојота Ланд Крузер и Нисан Патрол.

Новиот Паџеро доаѓа по пауза од шест години, со груб, кутиест изглед, потпирајќи се на името што овој автомобил го градеше од појавувањето на првата генерација во 1982 година.

Во теренецот ќе работи 2,4-литарскиот дизел од пикапот Тритон, во комбинација со нов 8-степен автоматски менувач. Седумседот е конструиран врз носечка рамка.

Паџеро ќе почне со продажба во Тајланд, Јапонија и Австралија пред завршетокот на тековната фискална година во следниот март, за потоа да започнат испораките на стотина пазари. Јапонскиот производител уште проверува дали побарувачката и пазарните услови ќе го оправдаат враќањето на Паџеро на пазарите во Европа и во Северна Америка.

До март треба да се продадат 10.000 Паџера

Главните пазари за новиот Паџеро со дизел мотор се Југоисточна Азија, Средниот Исток, Латинска Америка и Океанија. Во Централна и Јужна Америка, моделот ќе се продава под името Монтеро.

Претседателот Кеисуке Кишиура најави дека на пат се два помали модели што ќе го носат името Паџеро, едниот компактен, другиот малечок кросовер. Тој покажа фотографија од триото, со двата идни модели под вел. Тие би можеле да се продаваат и во Европа или на северноамериканските пазари.

Обновувањето на Паџеро беше неопходно за зајакнување на осиромашената понуда од модели на марката и воедно го враќа Мицубиши во делот од пазарот каде што се постигнуваат високи маржи, па соодветно и сé повеќе модели преоѓаат во премиумот.

Тојота и Нисан се меѓу светските играчи, коишто со нови СУВ со конструкција со носечка рамка се обидуваат да ги освојат богатите купувачи, но и да ги убедат традиционалните кувувачи на коишто им е потребно работно возило.

„Ние имавме ограничени финансиски средства и стана тешко да се развива и продава широка палета од возила, имајќи го предвид волуменот на наѓата компанија,“ изјави Кишуира во интервју за јапонскиот дневен весник Никеи на 28-ми август. „Во изминатите години повторно расте пазарот на големи теренски СУВ, така што решивме да во вратиме Паџеро во вистинскиот момент.“

 

Тојота во изминатите години пушти серија Ланд Крузери, меѓу кои Ланд Крузер 250 Прадо и Ланд Крузер 300, којшто служи како основа за Лексус Л Икс. Годинава беше пуштен и Ланд Крузер ФЈ.

Нисан парира со Патрол, што во САД се продава како Армада, и со Инфинити Ку Икс 80. Компанијата има големи очекувања од новата платформа со каросерија со носечка рамка, што ќе биде основа за неколку пикапи што ќе се произведуваат во САД почнувајќи во 2028 година. Со нив се враќа и Екстера.

Во кокпитот со два екрани од 14,3 инчи под заедничко стакло се наоѓаат и прочуените три инструменти на историските Паџера, инспирирани од релито.

Премиум карактерот го оддаваат опшивката на арматурната табла и на вратите што е изработена по пример на јапонската вештина на шиење платно Кимекоми. Аудио системот со 12 звучници доаѓа од Јамаха.

За погонот на сите тркала САВЦ ќе може да се избира меѓу седум начини на работа: Нормален, штедлив, земја, снег, кал, песок и карпа. Предните тркала се водени на високо поставени двојни водилки, додека назад работи крута оска со пет водилки.

Се разгледува можноста за Паџеро и останатите големи теренци да бидат понудени во изведба со хибриден погон

Јапонците во мај го објавија планот за лансирање на 13 нови или обновени модели до пролетта 2031 година. Меѓу нив се предвидени пет модели со приклучен хибриден погон и пет обични хибриди. Следат седум теренски возила, односно на Паџеро ќе му се придружат уште два нови СУВ, пикап, компактен и мал кросовер, како и миниван од семејството Делика.

Од лансирањето во 1982 година, Мицубиши произведе 3,23 милиони примероци од Паџеро, коишто се продаваа на 170 пазари и региони. Наспроти тоа, Тојота од 1951 година има произведено над 10 милиони Ланд Крузери.

Светската продажба на најмалиот јапонски производител падна 8 проценти во второто тромесечје годинава, на 179.000 возила. Сите големи пазари се во пад, со исклучок на Јапонија. Во минатата фискална година, продадени се 797.000 возила, што е пад од 5 проценти.

Претходна објаваИталија ќе дозволи паркирање попреку за малечки автомобили
Следна објаваНе забавува продажбата на СУВ во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here