за

Новото годиште на Mitsubishi ASX стартува со продажба во Македонија

Mitsubishi ASX 2020
Mitsubishi ASX 2020

Новото моделско годиште на Mitsubishi ASX нуди повеќе суштина, отколку изглед, иако и тој е целосно сменет. Компактниот СУВ во класата на Sportage постепено прераснува во модерен класичар, а тоа му дава само екстра шарм. Најшармантното: Основен модел за помалку од 16.000 евра.

Освеженото моделско годиште на Mitsubishi ASX има нови светла со диодна техника, нова маска и нови браници и… дволитарски бензинец од Outlander под хаубата, атмосферски и класичен, како вистинска реткост во турбо-ерата. Кај јапонскиот специјалист за теренци, исто колку и за тркачки машини со додаток Evo, со дволитарецот како да сакале да ја нагласат класичната нота што постепено ја добива овој компактен СУВ. Тоа што многумина добиваат впечаток дека ASX постои цела вечност во оваа генерација, сосем е точно. Со влегувањето во 2020 година, конкурентот на шампионскиот Sportage ја одбележува својата деветта година на пазарот.

Познатите вредности на „најмалечкиот“ СУВ на Mitsubishi не се променија. ASX нуди просторна кабина, практичен е во секојдневието, прегледен е во возење, безбеден е со сите пет ѕвезди од Euro NCAP. Надворешниот изглед е сменет значително, во кабината има неколку суптилни промени.

Диодна техника за сите функции на светлата следува уште во основното ниво на Mitsubishi ASX

Со третото моделско освежување, компактниот СУВ од 4,37 метри доби повисоко поставена хауба, со повеќе заоблена форма, со што се заокружи и робусната појава на автомобилот. Маската е сребрено-мат црна или хромирано-сјајно црна, во зависност од нивото на опрема, заедно со препознатливите лакови под светлата. Трепкачите и позициските светла, односно диодните магленки во повисоките нивоа, создаваат впечатлива правоаглеста форма под светлата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Освен формата, важна промена кај светлата е целосното преоѓање на диодна техника. Истото важи и за задните светла. Во нив дополнително е нагласена хоризонталната линија, за опашот визуелно да се прошири. Динамична нота додава заштитата на подвозјето во којашто се препознаваат и елементи на дифузор. Покрај 150-те КС, сосем на место.

На располагање стојат осум бои за каросеријата, вклучувајќи ја „динамичната црвена“, хит-бојата кај поголемиот Eclipse Cross. Најкомплицираната боја за нанесување во историјата на Mitsubishi се состои од пет лакови, вклучувајќи и посебен систем на сушење и полирање, со цел да се создаде длабински ефект, односно лакот изгледа како да е под слој вода. Покрај случаите кога бои со толку впечатлив ефект кај некои марки се наплатуваат близу 2.000 евра, доплатата од осумстотини евра е мошне чесен потег од Mitsubishi. Уште една нова боја кај ASX е „земјено кафената“.

„Динамичната црвена“ боја прераснува во уште еден заштитен знак на Mitsubishi, тоа е техника што порано беше достапна единствено кај моделите од највисоките сегменти, во Aston Martin & Co
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во кокпитот има неколку нови материјали и повисок степен на доработка во одредени подрачја, како лакирањето на рамките околу отворите за воздух во сјајна црна боја или металниот финиш во делови од средишната конзола. Багажникот стандардно располага со пристојни 406 литри, односно максимално 1.206 литри.

Дволитарецот од Outlander дава уште поголема динамика во возењето, но и релаксираност со вртежниот момент од близу 200 њутнметри

Покрај замената на 1,6-литарскиот мотор со Mivec-дволитарец и дополнителните 33 КС, плус 41 њутнметри, новитет во погонската спрега е таканаречената Step up логика на промена на степен кај менувачот CVT (кај нас е стандард во топ-нивото Intense), со што се избегнува типичното завивање кај овој вид менувачи при посилно забрзување. Во споредба со 1,6-литарецот, новиот мотор го скусува спринтот до темпо 100 за 1,3 секунда (сега 10,2 s), додека крајната брзина се зголемува за седум km/h (сега 190).

New photo by Automedia MK / Google Photos

По куса пауза, погонот на сите тркала и воедно специјалност на Mitsubishi, повторно е достапен во ASX. Овие моделски изведби засега отсуствуваат во ценовникот, меѓутоа не е исклучено дека во некој следен период тие исто така ќе се најдат во официјалната понуда во Мак Аутостар.

СУВ-класичарот е достапен во три нивоа на опрема. Во основното ниво Inform следуваат комплетно диодни предни и задни светла, мануелен клима уред, автоматско вклучување на светлата и бришачите, електрика и греење на ретровизори, централна брана со далечинска команда, а на тоа уште и седум воздушни перници и вообичаениот пакет од контрола на стабилност и контрола на притисок во гуми. И уште цената: 15.480 евра, како акциска понуда. Тоа прави Mitsubishi ASX во основното ниво на опрема да биде еден од моделите со најдобра противвредност на македонскиот пазар.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во средното ниво Invite, коешто е 2.000 евра над основното, ASX нуди уште алу-бандажи од 16 инчи, радио, магленки, кожа на волан и на рачка на менувач, автоматика за клима уредот, темпомат и паркинг сензори назад, вклучувајќи уште неколку стилски додатоци надвор и внатре.

Врвно ниво е Intense, со цена од 21.480 евра, но и со „интензивна“ опрема, како што упатува и името на нивото на опрема. Бандажите растат на 18 инчи, предната маска е хромирана место сребрена, средишната конзола добива финиш во сјајно црна боја, ретровизорите се собираат автоматски, задните прозорци се затемнети. При возење во рикверц помага камера, вратите се отклучуваат автоматски и моторот стартува на копче, додека во средишната конзола доминира дисплејот од 8 инчи на допир. Секако, дел од „пакетот“ претставува и спомнатиот менувач CVT.

Технички податоци · Mitsubishi ASX 2.0 Mivec

(вредности во заграда за изведба со менувач CVT)

  • Мотор 4J11 S-Mivec
  • Зафатнина 1998 ccm
  • Моќност 110 kW (150 КС) при 6000/min
  • Вртежен момент 195 Nm при 4200/min
  • Димензии (Д х Ш х В) 4365 х 1770 х 1640 mm
  • Меѓуоскино растојание 2670 mm
  • Растојоание од подлога 190 mm
  • Празно возило 1355 (1405) kg
  • Резервоар 63 l
  • Крајна брзина 190 km/h
  • 0-100 km/h за 10,6 (11,7) s
  • Потрошувачка 6,7 (6,8) l/100 km
  • Гаранција 5 години/100.000 km
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen ќе развива автопилоти во Силиконската Долина

Volkswagen ќе развива автопилоти во Силиконската Долина

автогас автомобили погон

Aвтогасот кај нас во мирување, продажбата во Германија во +55,6%