за

Електричното Mini со подобро меѓузабрзување од Cooper S

Mini Cooper SE Electric
Mini Cooper SE Electric

Со воведувањето на електричната изведба на Mini се добива убава можност за директно да се споредат техничките податоци со верзијата со обичен мотор. Споредбата секако важи со најсилниот, со Cooper S со 192 КС.

Cooper SE гласи ознаката на најновата моделска изведба во гамата на Mini. Лесно може да се случи, големиот интерес за овој модел, на европскиот пазар што е во еуфорија по погонот на струја, да предизвика рокови на чекање подолги од една година. За верзијата на Mini со електричен погон, во повеќето држави во ЕУ постојат масивни субвенции. Во Германија, на пример, субвенцијата изнесува 6.000 евра (се одбива од цената без ДДВ), така што од редовните 32.500 евра се доаѓа до 25.360 евра. Тоа е околу илјада евра под Cooper S, со споредлива цена од 26.300 евра.

Тоа што Cooper SE бил предвиден како погонска варијанта уште при развојот на Mini со 3 врати и со исклучок на електричниот погон, практично е идентичен со изведбите на Mini со обичен погон, создава одлична можност да се споредат техничките податоци со Cooper S. Во поглед на моќноста се мали разликите, 184 КС кај Cooper SЕ и 192 КС кај Cooper S.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Петте милиметри плус во должината на Cooper S се должат на различната изведба на браниците. Ширината на каросеријата е непроменета, исто како и меѓускиното растојание. Разлика се појавува во висината. Електричниот модел е повисок за 18 милиметри, но во исто време, најмалото растојание од подлогата е помало – 128 милиметри кај електричниот Cooper SE и 143 милиметри кај бензинскиот Cooper S. Тоа укажува на фактот дека батеријата што е вградена во подот, во најголемиот дел во средишниот тунел, одзема простор во висина. Тоа не се однесува на багажникот, таму и без тоа нема што да се одземе повеќе: Стандардно 211 литри, со соборена клупа 731 литри.

Идентични се и вредностите за ширината на трагата на тркалата: 1.485 милиметри напред и назад. Електричниот и бензинскиот Cooper S користат и иста димензија на гумите (195/55 R 16 87W) и бандажите (6,5J x 16). Во поглед на геометријата може да се очекува дека е преземено дотерувањето од спортската изведба, затоа што ниската батерија во подот гарантира уште пониско тежиште и уште подинамични возни својства. За десет сантиметри покусиот круг на вртење (10,7 метри кај SE), веројатно се должи на ограничениот простор за вртење на тркалата во поткрилата кај понискиот Cooper S.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Кај Mini на струја нема резервоар (40 l), но затоа има масивна и тешка батерија. Меѓутоа, SE нема потреба од моторно масло (5,25 l), масло во менувачот и во диференцијалот, нема алтернатор и стартер, нема ниту акумулатор. Тежината на празен SE изнесува 1.365 kg според DIN, односно плус 75 kg повеќе според EU (со возач и багаж). Тоа се 170 килограми повеќе од бензинкиот модел. Во носивоста практично нема разлика, двата модели се примерни во тој поглед.

Аеродинамичноста е домен на Mini на струја, со коефициент на отпор на воздух 0,30, наспроти 0,33 кај бензинецот

Главната разлика, секако е во моторот. Во Mini Cooper Se работи хибриден синхронен мотор, со врвни 184 КС при 7000/min и вртежен момент од 270 Nm од 100 до 1000/min. Бензинецот во Cooper S е дволитарски турбо, со 192 КС при 5000 – 6000/min и вртежен момент од 280 Nm од 1350 до 4600/min.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Класичен менувач му е непотребен на електричниот погон. Доволен е автоматски едностепен менувач, со фиксен пренос 8,961, односно конечен пренос 3,069.

Поради пониската моќност и повисоката тежина се појавува значајна разлика во соодносот меѓу моќноста и тежината. Бензинскиот S има „товар“ од 8,5 килограми за секој киловат моќност, додека кај електричниот SE овој сооднос е 10,1 килограми на киловат. За Cooper на струја да го постигне соодносот меѓу тежината и моќноста како Cooper „на октани“, неговиот електромотор би требало да постигнува 160 kW, односно 218 КС. Во тој случај, електро-минито теоретски би спринтувало за 6,8 секунди до темпо сто, место половина секунда подолго.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Победата во забрзувањето до 60 km/h сепак му припаѓа на SE, со неговите 3,9 секунди. Mini не го објавува овој податок за бензинскиот Cooper S, но затоа постои податок за меѓузабрзувањето. На Cooper SE му се потребни само 4,6 секунди да забрза од 80 до 120 km/h. Cooper S ја совладува оваа дисциплина за „долги“ две секунди повеќе. Мерењето стандардно се врши во петтиот степен на пренос. Реално, возачот во тој случај би посегнал по менувачот и би префрлил веројатно два степени подолу, така што разликата во меѓузабрзувањето со SE може и нема да излезе толку драстична. Меѓутоа, оваа бројка укажува на комоцијата што се добива при возењето на струја. Возачот, едноставно нема потреба да посегнува по менувачот. Електромоторот влече исто.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За споредба за каква класа на перформанси станува збор, обичниот One First со 1,5-литарец со 75 КС, забрзува од 80 до 120 km/h во петтиот степен на пренос за 15,8 секунди. Во верзијата One со 102 КС, вредноста е 12,4 секунди, с во Cooper со 136 КС, пак се потребни 9,9 секунди за ова меѓузабрзување, двојно подолго отколку кај Cooper SE.

Ограничување постои кај крајната брзина и таа изнесува 150 km/h. Тоа е мерка заради зачувување на енергијата во батеријата, не заради некаква немоќ на електричниот погон. Во оваа класична дисциплина владее Cooper S со своите 235 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во потрошувачката нема можност за директна споредба, но затоа има во досегот. Со полна батерија, Cooper SE минува меѓу 235 и 270 километри, доколку се вози како што е „замислено“ во нормите. Со своите 40 литри бензин во резервоарот, Mini Cooper S сигурно ќе мине повеќе километри, но секако дека и таму важи спрегата меѓу динамиката во возењето и потрошувачката.

Тоа што не се споредува е чувството во возење и единствената слобода, кога возењето не е зависно од полнењето гориво, туку „бензинска станица“ може да биде и домот. Или полначите за струја по пат. Токму чувството во возење е тоа што убедува голем број возачки и возачи да се решат за погонот на струја.

Cooper SE

Cooper S

КАРОСЕРИЈА

Врати/Седишта

3 / 4

3 / 4

Должина

3845

3850

Ширина

1727

1727

Висина

1432

1414

Меѓуос. растојание

2495 mm

2495 mm

Ширина на трага нап./наз.

1485 / 1485 mm

1485 / 1485 mm

Круг на вртење

10,7 m

10,8 m

Растојание од подлога

128 mm

143 mm

Празно возило DIN

1365 kg

1195 kg

Носивост

405 kg

445 kg

Багажник

211 – 731 l

211 – 731 l

Отпор на воздух

0,30

0,33

МОТОР

Конструкција

Хибриден синхронен мотор со интегриран трансформатор, полнач и генераторска фунција

4 цил, 1998 ccm,компресија 11,0:1, 82 х 94,6 mm

Моќност

184 КС

192 КС

при /min

7000

5000 – 7000

Вртежен момент

270 Nm

280 Nm

при /min

100 – 1000

1350 – 4600

БАТЕРИЈА

Техника

Литиум-јон

Положба

Во средипен тунел, во под

Номинален напон

350,4 V

Капацитет

32,6 kWh

ПРЕНОС

Вид

Автоматски менувач, едностепен со фиксен преносен однос

Мануелен, 6 степени

Преносен однос во менувач

8,961:1

0,756:1 (во VI.)

Краен преносен однос

3,069:1

3,588:1

ПЕРФОРМАНСИ

Сооднос тежина – моќност

10,1 kg/kW

8,5 kg/kW

Забрзување 0-100 km/h

7,3 s

6,8 s

Забрзување 0-60 km/h

3,9 s

Забрзување 80-120 km/h (V)

4,6 s

6,6 s

Крајна брзина

150 km/h

235 km/h

ПОТРОШУВАЧКА

Просек

16,8 – 14,8 kWh/100 km

6,1 l/100 km

Емисија на СО2

0

139 g/km

Досег

246 – 270 km

655 km

ВРЕМЕ ЗА ПОЛНЕЊЕ

0 – 80% наполнетост (ѕиден полнач, 11 kW)

2,5 h

0-100% наполнетост (ѕиден полнач, 11 kW)

3,5 h

0 – 80% наполнетост (брз полнач, 50 kW)

35 min

0 – 100% наполнетост (брз полнач, 50 kW)

1,4 h

 

Mini што вози 200 km на струја и неколку километри на бензин

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opis

Volkswagen се откажува од метанот, целосна посветеност на погонот на струја

Kia продаде еден милион автомобили во Германија Kia XCeed

Kia продаде еден милион автомобили во Германија