Мерцедес-Бенц пред 40 години почна едно славно историско поглавје што трае до денес и ќе продолжи да трае. Во ноември 1984 година, Штутгарт првпат ја покажа пред светот лимузината од серијата 124. Продажбата стартуваше веќе во декември.
Публиката, новинарите, сите беа одушевени од дизајнот и од техничките иновации што ги донесе славната моделска серија 124. Во 1993 година, серијата се именуваше во Е-Класа. По 13 години на производствените ленти и повеќе од 2,2 милиони примероци, во 1997 година заврши сериското производство на серијата 124.
Лимузината, комбито Т-Модел, кабриолетите и купеата денес се омилени јангтајмери. Моделските изведби што се произведоа во мали серии уште одамна се чуваат како колекционерски примероци.
Околу феноменот на серијата 124 главно се поставуваат две прашања: Дали тоа е омилено временско сведоштво од бурните 1980-ти години и од почетокот на офанзивата со нови модели во 1990-те? Или 124-та едноставно е класичар што не губи ниту грам од привлечноста, туку само добива со годините?
Тоа е недвојбено, оваа генерација на автомобили од вишата средна класа на Мерцедес-Бенц ги освојува симпатиите. Тоа се гледа и по големата заедница на заљубеници во неа и по важната улога што моделот ја ужива на сцената на класичните автомобили.
Силна страна на 124-та е нејзината издржливост. Само така може вистински да се ужива во нејзиниот безвремен изглед и во неограничената употребливост во секојдневието. Оваа серија е влез во светот на класичарите, што не е поврзан со ризици и неизвесности.
Секако дека и на Штутгарт му е важно за целата таа армија од 124-ки да се одржува во живот, затоа што оттаму се влече имиџот на денешните модели и сите моделски генерации во меѓувреме. Тоа значи дека Мерцедес-Бенц посебно внимава на снабдување со резервни и потрошни делови, преку оригинални делови што се дистрибуираат од Мерцедес-Бенц Класик.

Беспрекорно снабдување со резервни делови преку Мерцедес-Бенц Класик
Поддршката за 124-та преку резервни делови почнува од класичарот, од трикраката ѕвезда на хаубата што е свежо произведена, до оригинални крила што се произведени уште во времето на моделот. Тоа има и број: Повеќе од 5.800 видови резервни делови им се на располагање на корисниците.
Штутгарт се грижи за 57 моделски серии, односно го организира нивното снабдување со делови. Голем дел од деловите се произведени сега. Тоа важи посебно за деловите што се важни за безбедноста и возењето – од сензор за вртежи, до попречни водилки. Повеќето делови се испорачуваат преку мрежата на Мерцедес-Бенц во рок од 24 часа.
Барање делови: https://teilesuche.mercedes-benz-classic.com
Организацијата е клучна, односно во случајов тоа е Мерцедес-Бенц Класик Клуб Менаџмент, организација што ги соединува активностите на 80 клубови ширум светот, со преку 120.000 членови.
Линк до списокот од клубови https://www.mercedes-benz.com/de/exklusiv/mercedes-benz-classic-club/club-adressen/

Најширока разновидност од варијанти на 124-та
Тоа што посебно ја одликува серијата 124, не е само разновидноста од каросериски изведби, туку и разните погонски варијанти. Палетата на мотори почнува од 200 и 200 Д, а завршува со моделите со врвни перформанси со мотор Ве-8.
Иконскиот 500 Е беше прикажан на салонот во Париз во 1990-та година. Неговиот осумцилиндарец располага со 326 КС, што на лимузината ѝ обезбедува перформанси на спортско купе.

Во 1993 година следеше Е 60 АМГ. Тоа е едне од првите модели на АМГ, што Мерцедес-Бенц ги нудеше официјално. Во таа година се сменија многу нешта, секако и најважната промена, именувањето во Е-Класа.
Од бројните технички иновации, посебно се издвојува користењето челична ламарина со висока цврстина и материјали со ниска тежина. Безбедноста е примерна и според денешните норми. Врвната аеродинамичност носеше ниска потрошувачка и пријатно чувство во кабината. Посебност се панорамскиот бришач и првата генерација на погон на сите тркала 4Матик.
















