Две нови моделски изведби во гамата на електричниот Mercedes EQA. Едната изведба ја носи ознаката EQA 300 4MATIC и вози со 168 kW, втората е 350 4MATIC со 215 kW. Подоцна годинава ќе следи и верзија со високи перформанси.
Компактниот СУВ-модел Mercedes EQA го означува влезот во понудата од електрични автомобили со сребрената ѕвезда. Досега понудата се сведуваше на EQA 250 со 140 kW и преден погон. Новите изведби во гамата располагаат со уште повисока моќност и со погон на сите тркала.
Редовната цена на новите модели на германскиот пазар е 53.538 евра, односно 56.215 евра. Со државниот поттик за продажбата на електрични автомбоили во висина од 5.000 евра и дополнителниот поттик од производителот во висина од 2.500 евра, за возила со нето цена до 65.000 евра, крајната цена за двата нови модели доаѓа на 45.443 евра, односно 48.515 евра.
Користењето на стотиците илјади полначи во мрежата на Mercedes me Charge е бесплатно во период од една година. За користење на супербрзите полначи во европската мрежа Ionity е обезбедена повластена цена од 0,29 евроценти по kWh.
Новите модели Mercedes EQA 300 4MATIC и EQA 350 4MATIC стандардно располагаат со напредни диодни светла со автоматско долго светло, електричен заден поклопец, алу-тркала од 18 инчи, комфорни седишта, камера назад, а секако и инфо-забавен систем MBUX и навигација со посебни функции за електрични возила.
Погонската спрега ја сочинуваат по еден електромотор напред и назад. Електромоторот е дел од компактна погонска единица, заедно со преносник со фиксен преносен однос и диференцијал, систем за ладење и контролна електроника. Наспроти асинхрониот електромотор напред, во EQA 300 4MATIC и EQA 350 4MATIC работи синхронен електромотор со постојана побуда. Тоа овозможува посебно компактна конструкција.
Технички податоци · Mercedes EQA
| EQA 300 4MATIC | EQA 350 4MATIC | |||
| Погон | На сите тркала | На сите тркала | ||
| Електромотор напред / назад | Вид | Асинхронен (ASM)/ Синхронен со постојана побуда (PSM) |
||
| Моќност | kW | 168 | 215 | |
| Вртежен момент | Nm | 390 | 520 | |
| 0-100 km/h | s | 7,7 | 6,0 | |
| Највисока брзина | km/h | 160 | 160 | |
| Батерија | kWh | 66,5 | 66,5 | |
| Полнач до | kW | 100 | 100 | |
| Полнење, DC, 10 – 80 % SoC | min | 30 | 30 | |
| Потрошувачка, просек (WLTP) | kWh/100 km | 18,5-17,5 | 18,5-17,5 | |
| Емисија CO2 (WLTP) | g/km | 0 | 0 | |
| Досег (WLTP) | km | 426 | 432 | |
















