За почеток на реализацијата на планот за електрификација на јавниот автобуски превоз, германскиот град Регенсбург денес пушти шест електрични автобуси Mercedes-Benz eCitaro да сообраќаат во стариот дел од градот што е под заштита.
Тоа е спој на историјата со врвна технологија. Бројни историски градби во стариот град во Регенсбург се наоѓаат под заштита на Унеско, како објекти од значење за светската култура. Во исто време, градот се шири со индустриски погони, во коишто се користи најсовремена технологија. Луѓе пристигаат на работа во Регенсбург од сите страни, поради што градот се соочува со сообраќаен метеж.
За тоа да се надмине, градот презема низа мерки. Меѓу нив се наоѓа и долгорочното префрлување на 120-те градски автобуси на чист погон на електрична енергија. Шесте електрични автобуси Mercedes eCitaro се соло-автобуси со две врати. Посебноста е во батеријата со цврст електролит, што е пионерско достигнување на Daimler во производството на возила. Овие батерии се одликуваат со висок енергетски капацитет, мошне се долготрајни и не содржат никел, манган и кобалт.
Електричните автобуси за Регенсбург се опремени со систем за асистенција при скршнување на крстосница (предупредување и запирање кога во непрегледниот дел за возачот пред автобусот има пешак или велосипедист), потоа со самостојно запирање при опасност од незгода и со контрола на притисокот во гумите.
Седиштата се обложени со штоф, а ѕидовите се обложени со филц. Портокаловите држачи и сините облоги на седиштата внесуваат колорит во просторот. Возачкото седиште е климатизирано, а на возачот му стои на располагање и ладилник.
Возниот парк од 120 автобуси минува дневно во просек по 15.000 километри, притоа се превезуваат до 90.000 патници.
















