Славенички поход ги донесе мерцедесовци во Скопје

mercedes

Лимузини, купеа и теренци под знакот на Mercedes, на неколку денови станаа „авиони“ на Петровец. Спортската марка на Daimler ги донесе своите автомобили на скопскиот аеродром во знак на одбележување на половината век постоење на AMG.

Чудно е тоа што екстремните модели со овие три букви во последниве години прераснаа во синоним за Mercedes. Публиката повеќе се одушевува на Mercedes-AMG, отколку на класичните крстосувачи, кои исто како и секогаш ги поставуваат стандардите во одделните сегменти.

Дека не мора сé да биде AMG, докажа знаменосецот на Mercedes-Benz, неодамна освежен и уште еден чекор поблиску до автономното возење. Единствено уште законите го запираат појавувањето на возилата со автономна технологија по улиците. Тоа што S-Class го демонстрираше на специјално подготвениот полигон на Петровец веќе е автономно возење, во насока на подобрување на безбедноста.

Недостигаат само уште законите за автономната технологија да вози по патиштата

Два тона тешката лимузина со ентериер доведен на ниво на современа уметност запира целосно и самостојно кога радарите, сензорите и камерите ќе регистрираат возило што наидува попречно. Истото се случува и кога постои опасност од удар во пешак на патот, кога S-Class максимално ги впрегнува сопирачките да спаси човечки живот.

Лимузината внимава на пешаци и при брзини над градското темпо, кога електрониката се грижи обидот на возачот за избегнување на пречката да биде комплетиран безбедно – со коригирање на воланот и координирана работа на сите системи за асистенција во возилото. Самостојното паркирање е најосновната вештина, покрај сите мајстории што самото возило умее да ги изведе без помош од возачот.

Заедничкиот именител на моделите на Mercedes-AMG: Диво, контролирано диво

Како кулминација на настанот, повеќе од половината од моделската гама на Mercedes-AMG се понуди на пробно возење по скопската обиколница, со 350 КС како појдовна основа. Заедничкиот именител во секој модел со трите букви: Диво, контролирано. Без разлика дали се вози со градско темпо или се впрегнува комплетната ергела од коњски сили, печатот на AMG се чувствува во секој момент. Звук, подвозје што балансира меѓу тркачко и комфорно, со можност за дополнително приспособување по желба, материјали и финиш коишто се препознатливи за марката – не е без основа тоа што „перформанс“ марката на Mercedes лани продаде близу 100.000 примероци, а годинава добива уште поголем залет.

Паралелно функционира и гамата на штедливци, плагин хибриди. Неколку модели од оваа гама ги демонстрираа способностите да постигнат потрошувачка на градски автомобил и соодветна поштеда на животната средина од штетен издув, без жртвување на динамиката во возење и на комоцијата на возачот.

Претходна објаваКалифорнија отвори еко-лабораторија од казните на Volkswagen
Следна објаваТокио Мотор Шоу ја прикажа иднината на автомобилизмот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here