за

Maggiore 308M · Легендарен Ferrari со дух од денешницата

Во тренд се ретстомод-проектите. Тоа се стари возила, коишто преку неколку модерни зафати се прават за нивниот оригинален карактер да се доживува уште поверно.

Maggiore 308M

Млада фирма во италијанскиот Форте деи Марми моментно создава големи наслови на автомобилската сцена. Maggiore 308M се базира врз легендарниот Ferrari 308, го има истиот мотор, но преработен, а суштинскиот зафат е каросеријата од карбон.

Maggiore е следната фирма чијшто рестомод-проект привлече многу внимание на сцената. Нивниот Maggiore 308M е создаден да го задржи уживањето во возењето „старовремски“ автомобил, но и да го подобри и плус да внесе поголема безбедност во возењето. Компаниајта е основана лани од Џанлука Магоре, во Форте деи Марми. Младата компанија во италијанската Тоскана работи на уникатни возила и на мали серии, излегувајќи во пресрет и на посебни барања на клиентите.

Во проектите и во набавката на компоненти за возилата учествуваат врвни експерти, кој помагаат да се постигнат напредни технички решенија и да се обезбедат најквалитетни материјали. Maggiore 308M е првиот рестомод-проект на фирмата, кој се базира врз Ferrari 308 како „донатор“. Школката е изработена верно на оригиналот – со важната напомена, повеќето нејзини делови се изработени од карбон.

Сите механички компоненти на 308М се конструиирани од ново или се репарирани, со цел да се обезбеди единствено возачко чувство

Моторот е засилен, подобрени се возните својства, цврстината и намалена е потрошувачката. Стилот во внатрешноста го следи духот на 1970-те и 1980-те, но секако, користени се најквалитетни денешни материјали, почнувајќи од карбон, преку алкантара, сé до детали од мермер, заради укажување на потеклото од Тоскана. Стаклата се преземени од оригиналниот Ferrari, задржани се и маската на задниот поклопец, предните калници, вратите со класичните отвори за воздух и носечките делови во кабината.

Предниот дел е проширен, заради пошироката трага на предната оска, со задржување на стилот на предниот браник, кој исто така е поширок, но и изработен е од карбон. Светлата користат модерна халогена техника. Преклопливите светла на оригиналот не се дозволени денес, па истите се заменети со хоризонтални диодни ленти, кои служат како дневни светла.

Алу-тркалата од 17 инчи го следат оригиналниот стил и изработени се посебно за проектот. Голем дел од компонентите од каросериската школка се рестилизирани и се заменети со карбон. Опашот исто така е целосно редизајниран, со додавање спојлер што го следи класичниот стил. Диодната техника работи и во задните светла, а се користат и современи технолошки пристапи во изработката. Издувот е нов и изработен од нерѓосувачки челик.

Моторот е оригинален Ferrari V8 Quattrovalvole со систем за врпскување на горивото. Моторот е целосно ремонтиран, а некои компоненти се заменети со нови или се репарирани. Тој дел од проектот им беше препуштен на Italtecnica, лидери во подготовка на тркачки автомобили со 30-годишна традиција.

Преправките се направени со цел да се зголеми моќноста, но и да се подобри возливоста при ниски вртежи, заради порелаксирано возење во секојдневието. Секако дека не е пропуштено да се работи и на екстра моќност при високи вртежи. Пречникот на цилиндрите е зголемен и зафатнината сега изнесува 3.146 сантиметри кубни. Клиповите се ковани и изработени по посебна нарачка, со површина збогатена со јаглерод, заради подолга трајност. Главата исто така претрпе соодевтни преправки, со поголеми вентили и поостри брегасти вратила. Механички контролираниот систем за впрскување е сменет со електронски систем.

Благодарение на овие промени, моќноста порасна на 300 КС при 7.000 вртежи, додека максималниот вртежен момент се искачи на 300 Nm при 5.500 вртежи – со тоа што 250 Nm стојат на располагање уште при 3.000 вртежи.

Оригиналната шасија е модифицирана. Предната трага е проширена за 50 mm, задната за 100 mm. На тоа проследија соодветни зафати во водењето на тркалата. Сопирачките со четириклипни клешти се од Brembo, вентилираните дискови имаат пречник 280 mm, напред и назад. Моќта на сопирање е зголемена за 50% во споредба со оригиналниот Ferrari 308. Амортизацијата е доверена на Koni, со приспособливи пружини.

Maggiore 308M ќе се изработи во мала серија, со излегување во пресрет на посебните барања на секој клиент, што ќе направи секој примерок да биде уникатен.

>>> Тркачки Volvo P1800 како од 1960-те години, изработен сега

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Др. Шулц од Џанго Разузданиот тестира електричен BMW iX

Др. Шулц од Џанго Разузданиот тестира електричен BMW iX

silentuum Контразвук во замена за дебела звучна изолација во автомобилите

Контразвук во замена за дебела звучна изолација во автомобилите