Четвртата генерација на најголемиот СУВ на Kia на светскиот пазар ќе ја има својата премиера на салонот во Женева во следниот месец. Од цртежите веќе се навестува дека Sorento ќе биде уште едно стилско парче во гамата.
Kia скромно го најавува својот голем новитет за салонот во Женева, со само неколку општи напомени. Меѓутоа, откако подобро ќе се погледнат цртежите на новиот Sorento, претставата за новиот модел е сосем поразлична. Со вертикално пресечен нос, впечатлива маска што преоѓа директно во светлата и мошне ефектно нагласени дневни светла, Sorento во својата четврта генерација ќе има многу повпечатлив настап од досега.
Отстрана се забележуваат металните перки зад задните врати, по пример на ProCeed, а како свеж детал се забележува и стилскиот елемент што преоѓа од предните крила во вратите. Остриот триаголен засек во задните стакла веќе одамна е препознатлив печат на Sorento. Интересен новитет што отстапува од шемата е вертикалната графика на задните светла, кои се и мошне куси. Дел од стилските елементи кај Sorento се повторуваат од новата Optima, односно K5, со којашто Kia ја најави следната еволуција на својот дизајнерски правец.
https://photos.app.goo.gl/ACmQSRrc55WsK7SR9
Знаменосецот во глобалната СУВ-понуда на Kia пристига по долга низа моделски новитети во сегментот, вклучувајќи ги Telluride и Seltos. Како прв модел базиран врз новата платформа за СУВ-модели со средна големина, Sorento ќе постави нови мерила во поглед на практичноста и просторноста. Првпат во оваа моделска серија ќе се нуди и изведба со хибриден погон.
Повеќе детали околу останатите мотори и погонски варијанти не се наведуваат, меѓутоа може да се очекуваат и други новитети, имајќи предвид дека Sorento користи нова платформа. Во поглед на системите за асистенција и можностите за поврзување, Kia најавува дека во големит СУВ ќе воведе неколку новитети, кои веројатно ќе се однесуваат на делот на автономноито возење.
Од лансирањето на првата генерација во 2002 година, продадени се повеќе од три милиони примероци на светскиот пазар. Премиерата ќе биде на салонот во Женева, на 3-ти март.
Во меѓувреме се појавија и солидни фотографии што целосно го прикажуваат новиот Kia Sorento
https://www.instagram.com/p/B8LB9p9n5na/
















