Новиот Компас е најсветскиот модел на Џип, со пазар на пет континенти

Џип очекува од новата генерација на компактниот СУВ-модел Компас да го прошири кругот на купувачи во споредба со претходникот. За таа цел е додадена електрична варијанта, а исто и каросеријата порасна во сите правци.

За разлика од претходникот, којшто користеше платформа од времето на Фиат Крајслер Аутомобилс, новиот Компас се префрли на платформата СТЛА Медиум на концернот Стелантис. Тоа е истата платформа што ја користат постоечките Пежо 3008 и Опел Грандленд, и идните Ситроен Ц5 Еркрос и Алфа Ромео Џулиета.

Фабриката на новиот Џип Компас се наоѓа во Мелфи, Италија, каде што ќе се произведуваат уште неколку модели на концернот Стелантис врз оваа платформа, односно премиум-моделот ДС Но. 8 и наследникот на ДС 7 (неговата ознака логично ќе гласи ДС Но. 7), идната Ланчиа Гама и модел на Опел чиешто име уште не се открива.

Компас воедно ќе се произведува и во посебна фабрика за пазарите во Северна Америка, почнувајќи од следната година. Новиот Компас ќе се продава на пет континенти и со тоа ќе биде најсветскиот модел на Џип.

Должината е зголемена за 150 милиметри и сега изнесува 4.552 милиметри. Растот во ширина е 85 милиметри, што го донесува Компас на мера од 1.928 милиметри. Меѓуоскиното растојание од 2.795 милиметри е за 159 милиметри подолго во споредба со претходничката и ветува повеќе простор во кабината. Џип го потврдува тоа со податокот дека патниците назад имаат +20 милиметри простор за нозе и багажникот е 45 милиметри подолг.

Новиот Џип Компас е подолг и поаеродинамичен

Коефициентот на отпор на воздух е сведен на помалку од 0,30, благодарение на зафатите за подобрување на аеродинамичноста. Меѓу нив спаѓаат и активните ламели во маската, што се затвораат при повисока брзина и кога нема потреба од дополнително ладење на моторот.

Слично со повеќето модели врз платформата СТЛА Медиум, Компас ќе биде достапен во изведба со 48-волтен благ хибрид, во приклучна хибридна и во целосно електрична изведба.

Нарачките на повеќе пазари во Европа почнуваат уште на денот на самата премиера, на 6-ти мај, со тоа што се достапни само благиот хибриден и целосно електричниот модел. Во познат манир, двата погони се нудат во специјалната изведба со којашто се одбележува почетокот на продажбата на моделот. Цената на изведбата со благ хибриден погон во Италија изнесува 41.900 евра, додека електричниот Компас почнува од 49.900 евра. Испораките стартуваат во последното тромесечје.

Моделот со приклучен хибриден погон ќе следи отпосле, со почеток на испораките рано во 2026 година. Тоа го најави Фабио Катоне, шефот на Џип во Европа.

Моторите што ќе се вградуваат во Компас се трицилиндарец од 1,2 литар со турбонатполнење и благ хибриден погон, со 145 КС, и 4-цилиндарец од 1,6 литарс, во приклучна хибридна спрега со системска моќност од 195 КС.

Електричниот погон ќе биде достапен во три изведби:

  • Погон напред, електромотор со 210 КС, батерија од 74 киловатчасови и досег до 500 километри
  • Погон напред, електромотор со 228 КС, батерија од 96 киловатчасови и досег до 650 километри
  • Погон на сите тркала, два електромотори со 370 КС, батерија од 96 киловатчасови и досег до 500 километри

Џип во почетокот ќе го нуди новиот Компас во изведба со благ хибриден и целосно електричен погон. В година ќе се придружи изведба со приклучен хибриден погон.

Растечката продажба на компактни СУВ модели е причина за оптимизам

Менаџментот на Џип верува дека новиот Компас ќе ја надмине продажбата на постоечкиот модел, раководејќи се според податоците што покажуваат силен раст во продажбата на компалтни СУВ модели. Тоа е најголемиот пазарен сегмент во Европа во првото тромесечје, на местото што претходно им припаѓаше на малечките СУВ-модели.

Според податоците од Датафорс, продажбата во сегментот на компактните СУВ модели во првите три месеци порасна за 14 проценти, на 809.935 возила. Тоа го вклучува и моделите од големоволуменскиот и од премиум сегментот.

Најпопуларни модели се Фолксваген Тигуан со 53.757 примероци, по него следат Киа Спортаж и Нисан Кашкај.

Компас во првото тромесечје имаше пад од 33 проценти во продажбата, со 5.629 возила. Во минатата година, Џип продаде 24.832 примероци од Компас во Европа, за 47 проценти помалку во споредба со 2023 година.

Највисоката продажба на Компас во САД беше постигната во 2018 година, кога беа продадени 171.167 примероци на доимашниот пазар на Џип. Најниската продажба беше забележана во 2021 година, со 75.642 возила, кога браншата се соочи со кусок од микрочипови и производството беше ограничено. Оттогаш, пазарот на Компас во САД растеше постојано и пак надмина 100.000 возила во 2024 година.

Меѓу новите модели што стојат зад големиот раст во сегментот во Европа се Рено Симбиоз, Киа ЕВ3, Купра Терамар и Џејку 7, од кинескиот производител Чери.

За да се издвои во густо запоседнатиот сегмент, Компас „треба само да ги нагласи традиционалните вредности на Џип,“ кажа Катоне, посочувајќи ги меѓу другото теренските способности.

За електричната верзија се очекува да учествува со 20% во продажбата во Европа

Катоне очекува дека електричната изведба на Компас ќе учествува со 20 проценти од продажбата на компактниот СУВ на Џип на европскиот пазар.

Фабио Карло, директорот за маркетинг на Џип во Европа, кажа дека новиот Компас со широкиот избор од погонски единици е совршено поставен на пазарот на компактни СУВ, што тој цени дека кон завршетокот на 2026 година во 90% ќе се состои од модели со благ и приклучен хибриден погон, како и со електричен погон.

Целната група на Компас ја сочинуваат љубители на природата и семејни луѓе, вели Карли. Малку повеќе од половината доаѓаат од сегментот на компакти од големоволуменските марки, додека останатите купувачи доаѓаат од премиум сегментите. Новиот Компас повеќе ќе ги привлекува купувачите од повисоките сегменти, но задржувајќи ја традиционалната целна група.

Претходна објаваШефовите на Рено и Стелантис бараат ЕУ да ги попушти нормите за малечки автомобили, за да не затвораат фабрики
Следна објаваАуди ќе произведува во 3 фабрики во САД за да ги избегне царините на Трамп

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here