На престижниот автомобилски собир покрај езерото Комо во Италија, Hispano–Suiza T49 беше прогласен за најдобро сочуван олдтајмер за годинава. Највисокото одликување пристига од ФИВА, светска федерација за историски возила.
Светската федерација за историски автомобили беше поканета годинава да го додели „Трофејот ФИВА“ за најдобро сочуван предвоен автомобил, во рамките на престижниот собир Конкорсо д‘Елеганца Вила д’Есте. ФИВА избра трофејот да го понесе Hispano-Suiza T49 ‘Weymann’ Sport Saloon by H.J. Mulliner, произведен во 1927 година и во сопственост на Марко Гасталди.
Автомобилот до неодамна ја немаше напуштено Велика Британија, но Гасталди сега реши да надомести и направи светска турнеја со својот скапоцен T49. „Шпанско-швајцарскиот“ автомобил прво се појави на Пебл Бич во Америка, потоа замина за Средниот Исток, за на крај да парадира на Вила д‘Есте. По освојувањето на престижната титула од ФИВА, Гасталди најавува продолжување на светската турнеја.
Историјата на Hispano-Suiza T49 ‘Weymann’ Sport Saloon by H.J. Mulliner од 1927
Со сензационалната премиера на салонот во Париз во 1919 година, Hispano-Suiza H6 докажа дека може да му конкурира на Rolls-Royce, како и на останатите луксузни марки. По овој спектакуларен автомобил, конструкторот Марк Биркит изработи два помали модела. Едниот беше T48 со четирицилиндарец од 2,5 литри, вториот T40 со шестцилиндарски мотор од 3,8 литри. Овие два модела од серијата Т се произведуваа од 1924 до 1933 година.
Примерокот на T49 со број на шасија 7874 поседува каросерија според системот Weymann, наречен според Французинот Шарл Тере Вејман. Неговото искуство во аеронаутиката му дало инспирација да користи лесна дрвена шасија, прицврстена со челични плочи и покриена со платно. Главната предност на овој систем била големата флексибилност, поради што каросеријата не ги испуштала непријатните звуци вообичаени за обичните каросериски конструкции од тој период.
Системот постигнал моментален успех. Покрај тоа што изработувал каросерии во своите фабрики во Франција и подоцна во Велика Британија, Вејман издавал и лиценци за голем број независни каросериски работилници. Каросеријата на „7874“ е изработена во H.J.Mulliner. Карактеристични за конкретниов примерок се и светлата според патент на Баркер.
Херојски борец на Галиполе бил прв сопственик на овој Hispano-Suiza T49
Прв сопственик на автомобилот е полковник Гај Гедис, родум Бурманец и херој на Галиполе, кој возилото го купил во Албемал Моторс во Лондон во 1927 година. Неговите иницијали до денешен ден се останати на вратите. По смртта на Гедис во 1958 година, возилото преоѓа во сопственост на Мајк Слеј една година подоцна. Новиот сопственик само еднаш го користи возилото и го остава во мирување.
На следниот газда, Клајв Шериф, потребни му се неколку месеци додека го донесе T49 во возна состојба. Шасијата, моторот и сопирачките се во совршено сочувана состојба, единствен предизвик за Шериф е реставрација на комплицираниот издувен систем.
Од вкупната продукција на Hispano-Suiza T49, денес се останати одвај десетина, но мала е веројатноста дека некој од нив е во толку сочувана состојба колку овој „7874“.
ФИВА е единствената глобална организација од овој вид којашто го промовира користењето на историски моторни возила и се посветува на зачувување на автомобилската култура. Во април годинава, ФИВА потпиша партнерство со Унеско.

















