за ,

Golf GTE ќе биде GTI меѓу хибридните возила

Volkswagen реагира доцна, но секогаш погодува во целта. По цели 16 години од првиот Toyota Prius, Германците претставуваат хибриден модел од својот бестселер, Golf GTE.

Салонот во Женева кој почнува во следниот месец доби уште една автомобилска ѕвезда. Хибридниот Golf GTE е петтата варијанта на погон во гамата на германскиот компакт. Освен во бензинска и дизелска изведба, Golf е достапен со погон на природен гас и на струја, а отсега и како хибрид. Името Golf GTE го поставува новакот во моделската понуда рамо до рамо со легендите GTI и GTD. Првите две букви се за Gran Turismo, а последната е за електрицитет – Gran Turismo Electricity.

Golf GTE_08

Golf GTE има две срца, едното е 1,4-литарски TSI со 150 КС, со директно впрскување и турбонатполнење, второто е електромотор со 102 КС. Системската силина на обете погонски единици изнесува 204 КС, а најголемиот досег со полн резервоар и батерии е околу 930 километри. Со погон само од електромоторот, GTE постигнува до 130 километри на час, а со помош од бензинецот, забрзувањето до сто трае 7,6 секунди. Крајната брзина изнесува 217 km/h. Впечатлива е вредноста на вртежниот момент, 350 Nm. Секако, главната цел е штедливоста. Според нормите за мерење на потрошувачката за хибридни возила, со поаѓање со полни батерии и вклучување на моторот по нивното празнење, GTE троши 1,5 литар на сто километри.

Со погон само на батерии, Golf GTE минува до 50 километри, зависно од условите на возење. Батеријата е литиум јонска со капацитет од 8,8 киловатчасови и се полни за 3,5 часови на домашен приклучок со 220 волти. Батеријата тежи 120 килограми, што на крајот дава вкупна тежина на овој Golf од 1.520 килограми.

Менувачот е шестстепен со тројна спојка, развиена специјално за хибридниот погон. Електромоторот е вграден во куќиштето на менувачот. Електромеханичките сопирачки се грижат за полнење на батериите при сопирање, додека електричниот компресор за клима уредот го поштедува бензинскиот мотор овозможувајќи дополнителна штедливост.

Надворешноста е со препознатливите белези на GTI и на е-Golf. Во предниот браник има дневни светла со светлечки диоди во форма на латинично Ц, во стил на e-Golf додека аеродинамичните перки се од GTI. Место во црвена боја како кај GTI, деталите од каросеријата кај GTE се во сина боја. Сите светла користат штедливи и трајни светлечки диоди. Хибридниот Golf ќе биде достапен само во каросериска изведба со 5 врати.

Golf GTE_09

Сините детали се присутни и во кабината. Опшивката на кожениот волан, на рачката на менувачот и на седиштата се во сина место во црвена боја. Стандардната опрема вклучува навигација со сателитско радио и блутут, специјално приспособена за хибридни возила, со наведување на можноста одредена дестинација да се достигне со погон на струја, како и со лоцирање на блиските полначи за струја.

Преку апликацијата за мобилен Volkswagen Car-Net може далечински да се вклучи или да се програмира греењето или ладењето на кабината.

Информациите за цените и почетокот на продажбата ќе бидат објавени по претставувањето на моделот во Женева.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ново од Volvo: Директна достава на пратки до Вашиот автомобил

Студијата Hazumi ја најавува новата Mazda2