Компаниите во коишто Фолксваген учествува заеднички со ФАВ и САИЦ Мотор во Кина, постигнале удел од 10,9 проценти од кинескиот пазар на нови автомобили во 2025 година, што е пад наспроти уделот од 12,2 проценти во 2024 година.
Уделот на Џили Ауто на својот домашен пазар во минатата година се зголемил од 7,7 проценти на 11 проценти, додека Би Уај Ди го изгубиле своето учество во 2024 година од 16,2 проценти и лани сочувале 14,7 проценти од пазарот.
Од кинеското здружение за патнички автомобили посочуваат дека целата продажба на Фолксваген во Кина е опфатена во продажбите на двете заеднички компании на германскиот коцнерн, ФАВ и САИЦ Мотор. Оттаму додаваат дека Фолксваген ја задржа позицијата на најпродавана странска марка, по силните напори да ја зајакне продажбата и да ги достигне кинеските соперници.
Странските производители на автомобили, вклучувајќи ги Фолксваген, Џенерал Моторс и Тојота, го изгубија својот дел од пазарот од кинеските соперници, меѓу другото и поради тоа што заостануваа со електричните модели, коишто кинеските возачи ги бараат, поради високите субвенции од Пекинг.
Покрај партнерството со Шаопенг во развој на електронска мрежа што ќе се користи за поголем број модели во Кина, Фолксваген планира во соработка со Хоризон Роботикс да ги произведува првите самостојно развиени чипови за следната генерација паметни автомобили за Кина.
Понатаму, Фолксваген планира да ги извезува автомобилите што ги развива и произведува во Кина, и да ги понуди на повеќе прекуокеански пазари, следејќи го со тоа примерот од кинеските производители, како Би Уај Ди, коишто вложуваат напори да го зголемат извозот, додека домашниот пазар забавува.
Џили е меѓу неколкуте кинески производители што го зголемија својот удел на кинескиот пазар во минатата година, главно преку модели од подостапните сегменти.
Возилата со цена под 150.000 јуани (околу 18.250 евра) учествуваат со преку 50 проценти во продажбата на нови авотмобили во Кина во минатата година.
















