Производителот на Ајфон ќе изработува електрични автомобили за Мицубиши

Фокскон Модел Б, прикажан на салонот во Тајпеј, Тајван, во април, е компактен спортски кросовер што ќе почне да се продава во Австралија во втората половина на 2026 година.
Фокскон Модел Б

Како што се навестуваше досега, Фокскон стана партнер на Мицубиши и од следната година ќе почне да изработува возила за јапонската марка.

Се очекува дека тоа ќе биде компактен кросовер, што ќе се произведува во Тајван и оттаму ќе се извезува во Австралија и Нов Зеланд, почнувајќи од втората половина на 2026 година, соопшти корпорацијата Мицубиши Моторс на 7-ми мај.

Овој чекор следи откако Фокскон, најголемиот светски производител на електроника по налог, прочуен и како најголем производител на Ајфони за Епл, зачекори во нов бизнис огранок, како производител на автомобили за други марки.

Џун Секи, шефот за електрични возила во Фокскон, очекува партнерства со светски марки. Освен со Мицубиши, во објавите на медиумите се спомнува и веројатна соработка со Нисан и со Хонда.

За Мицубиши, некогаш главен двигател на пазарот на електрични автомобили, користа од партнерството со Фокскон е во можноста брзо да вклучи електрични модели во својата понуда, без да влегува во ризик доколку сам ги развива и ги произведува автомобилите.

Електрични автомобили со техника на Нисан под знакот на Мицубиши за пазарот во САД

Во посебна објава, Мицубиши соопшти дека ќе се потпира и на Нисан, којшто е главен акционер во Мицубиши, за својот нов електричен модел што од следната година ќе почне да се продава во САД. Тој модел ќе користи техника од новата генерација на Нисан Лиф и исто така ќе се произведува во фабрика на Нисан.

Овој пробив на пазарот на електрични автомобили од две страни, претставува дел од планот на Мицубиши да ја прошири својата понуда од модели, со помош однадвор. Извршниот директор Такао Като во 2023 година соопшти дека компанијата ќе вложи 10 милијарди долари во електрични возила и батерии до 2030 година, и исто така ќе го зајакне своето присуство на одредени пазари, главно во Северна Америка.

[the_ad id=”85764″]

Во таа пригода, шефот најави дека планира да пушти во продажба девет модели со електрифициран погон, што значи дека освен батериски електрични автомобили, ќе има и хибриди и приклучни хибриди. Тие се дел од поширокиот план, да се понудат 16 нови модели за светскиот пазар, вклучувајќи ги моделите со мотор со внатрешно согорување.

„Покрај соработката со Фокскон, Мицубиши планира да ја прошири својата понуда од електрифицирани возила, преку искористување на силата на алијансата, односно добивање ОЕМ модели од групацијата Рено во Европа и Нисан Мотор во Северна Америка,“ стои во соопштението од Мицубиши.

Мицубиши во моментов има само еден електричен модел, еК, што е микро-автомобил наменет за јапонскиот пазар. Овој модел е развиен заеднички со Нисан и идентичен е со Нисан Сакура. Мицубиши во Јапонија го продава и електричното доставно возило Миникеб.

Соработката на Фокскон со Мицубиши ќе се одвива преку Фокстрон, заедничка компанија на Фокскон и тајванскиот производител на автомобили Јулон Мотор.

За моделот на Мицубиши се претпоставува дека ќе биде конструиран врз основа на Фокстрон Модел Б, спортски компактен кросовер што почнува со продажба во Тајван во второто полугодие на 2025.

Фокскон има планови да продава во САД

Секи во минатиот месец изјави дека Фокскон исто така планира да го изработува Модел Б за јапонски производител на автомобили, што ќе почне да се продава во Австралија во првата половина од 2026 година.

Фокскон Модел Ц

Модел Б беше меѓу неколкуте модели што Фокстрон ги прикажа во минатиот месец на салонот за мобилност во Тајпеј, Тајван.

Хон Хаи Прецижн Индастри, како што официјално гласи името на Фокскон, во електричните автомобили гледа клучен чекор за проширување на бизнисот, откако постигна заситување во производството на електроника и телекомуникациски уреди.

Амбиција на Фокскон е да ги продава своите ЕВ и во САД. Компанијата планира кон завршетокот на годинава да започне со испорака на Модел Ц за клиент во Северна Америка. Следен чекор ќе биде во 2027 година да стартува со продажба и ванот Модел Д.

Претходна објаваАуди ќе произведува во 3 фабрики во САД за да ги избегне царините на Трамп
Следна објаваВолво го врати името Икс Ц 70 за својот хибрид со електричен досег до 200 километри

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here