за

Ford Mustang Mach-E денес има европска премиера во Лондон

Ford Mustang Mach-E Go-Electric London
Ford Mustang Mach-E Go-Electric London

Ford Mustang Mach-E, електричниот кросовер во стил на американската легенда, првпат се појави пред европската публика на настан посветен на погонот на струја во Лондон. Во врвната изведба, големиот Ford минува до 600 километри.

Ford денес одржува европска премиера на Mustang Mach-E во рамките на настанот „Go Electric“ во Лондон. Кросоверот долг 4,71 метри, широк 1,88 метар и висок 1,60 метар ќе се нуди со избор меѓу две големини на батерија, со погон назад или на сите тркала и во неколку степени на моќност. Продажбата на водечките пазари за електромобилноста во Европа ќе стартува веќе годинава.

Со поголемата батерија со капацитет од 99 kWh и 376 ќелии се постигнува досег до 600 километри, според реалната норма WLTP. Позната е цената за германскиот пазар, кадешто кросоверот во стил на легендарниот Mustang ќе стартува од 46.900 евра.

https://www.instagram.com/p/B8gqavWniiJ/

Go Electric е патувачко шоу, коешто стартува денес во Лондон и во шестмечната турнеја низ Велика Британија се очекува да допре до четиримилионска публика. Шоуто е посветено на сите прашања во поглед на електромобилноста и ќе посети неколку европски држави, меѓу кои Германија, Франција и Холандија.

Ford ќе нуди 18 електрични и хибридни модели до крајот на 2021 година

Компанијата Ford вложува 11 милијарди долари во воведувањето електричен погон во својата моделска понуда во светски рамки. Планот е во секоја моделска серија што се нуди на европскиот пазар да постои барем една елеткрифицирана изведба. Само до крајот на годинава, во понудата на Ford ќе има 14 модели со електромотор во погонската спрега. Во 2021 година, ќе следат уште четири нови модели.

Најпродаваното спортско купе во светот послужи како стилска основа за изведување на кросоверот Ford Mustang-E. Европските инженери на Ford учествуваа во развојот на архитектурата на возилото, хардверот и софтверот, со цел да се исполнат очекувањата на тукашните возачи. Во тој поглед, амортизацијата, управувањето, работата на контролата на стабилноста и на погонот на сите тркала, дотерани се посебно за европските возачи и патишта.

Дури 85 проценти од нарачките за моделот отпаѓаат на изведбата со поголемата батерија, со досег до 600 километри. Стандардната батерија располага со 75 kWh, што исто така овозможува сосем пристоен досег до 450 километри.

Mustang Mach-E прави темата за електрификацијата да биде привлечна од повеќе гледишта. Ова е Mustang за новата генерација купувачи, кои го нарачуваат и конфигурираат возилото онлајн, а по истиот пат можат да ја договорат и испораката

Ролант де Вард, потпретседател за маркетинг и продажба во Ford во Европа

Кросоверот може да ги користи брзите полначи на Ionity со моќност до 150 киловати, на коишто десетминутно приклучување обезбедува енергија за следни 93 километри пат. Со стандардната батерија, полнење од 10% до 80% на брз полнач трае помалку од 40 минути.

Полначот што го нуди Ford за поставување во кругот на домот или во фирмите постигнува петпати повисока моќ на полнење од обичен ѕиден приклучок со 230 волти. За еден час на овој полнач, батеријата полни енергија за 62 километри пат.

Четвртата генерација на Ford SYNC има премиера во Mustang Mach-E

Првпат во модел на Ford се вградуваат дигитални инструменти со пречник од 10,2 инчи (26 cm) и вертикално поставен таблет од 15,5 инчи (39 cm) во средината на кокпитот, со впечатливо изведен вртлив регулатор.

Премиера во Ford Mustang Mach-E има и четвртата генерација на инфо-забавниот систем Sync. Таа се одликува со двојно побрз процесор од Sync 3, што значи и побрз пристап до одделните функции.

https://www.instagram.com/p/B8bySO7JGSo/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

bmw училиште јужна африка

BMW ќе гради училиште во Јужна Африка

motul адитив бензин директно впрскување

Motul нуди адитив за чистење за бензинци со директно впрскување