Важен настан се одвиваше вчера во тест-центарот на Fiat во Балоко, во близина на Торино. Шефот Серџо Маркијоне го претстави планот за следните пет години. Италија има причина да слави затоа што овој менаџер во пуловер комплетно го ослободи Fiat од долговите
Најважниот човек со пуловер во автомобилската бранша даде повод 1-ви јуни да стане нов национален празник на Италија. Fiat, заедно со американскиот Chysler, повеќе нема долгови. Серџо Маркијоне, човекот што застана зад кормилото на Fiat во 2004 година, во времето на најголемата финансиска криза во Торино, вчера најави дека неговата компанија ќе претстави 19 комплетно нови модели до 2022 година. Дури десет модели ќе возат чисто на струја, на тоа следат и бројни плагин-хибридни модели. Дизелот постепено ќе исчеснува од понудата на FCA.
Ова се клучните моменти од новиот петогодишен план на Fiat Chrysler во најкусата можна форма
Jeep
Jeep ја проширува понудата со шест комплетно нови модели, вклучувајќи враќање на луксузниот Wagoneer и на неговата верзија Grand Wagoneer. На тоа следат пикап, верзија од Cherokee и Grand Cherokee со трет ред седишта, како и нов основен модел што ќе се позиционира под Renegade. Дополнително ќе следи и производство на 4 нови модели со погон на батерии во Кина.
Alfa Romeo
Шест модели од „празен лист хартија“ ќе го добијат логото со змијата на Alfa Romeo. Некои од нив се мошне познати имиња, како GTV или 8c. По еден нов теренец ќе пристигне во класите под и над Stelvio, вклучувајќи и верзија со продоложено меѓускино растојание од самиот Stelvio. Планот се комплетира со втора изведба од Giulia, исто така со продолжена каросерија.
Maserati
Levante ќе добие помал брат, пристига и спортското купе Alfieri, вклучувајќи и кабриолет изведба од него. Како што беше најавено претходно, Maserati ќе се профилира како специјалист за електричен погон во FCA. Levante, Quattroporte и двете каросериски изведби од новиот Alfieri ќе се понудат во верзија со погон на батерија.
Fiat
Матичната марка се ориентира на Fiat 500. Нова генерација на вечниот модел пристига наскоро, како дополнителна каросериска изведба во гамата следи Fiat 500 Giardiniera, како реинкарнација на комби изведбата од оригиналниот модел. Двата модела ќе се нудат и во верзија со погон на батерии.
Fiat повеќе ќе напаѓа на латиноамериканскиот пазар, со евтин теренец со три реда седишта во средната класа, како и со теренци во мини и градската класа.
RAM
Лесна варијанта од специјалистот за пикапи во концернот, во согласност со очекуваниот раст во продажбата во овој сегмент во повеќе светски региони.
Уште две важни забелешки
– До 2022 година, концернот очеува да заштеди 10 милијарди евра, меѓу другото и со скусување на бројот на платформи, од сегашните 16 на само 12 платформи за сите марки од концернот.
– Вкупно ќе се инвестираат 45 милијарди евра во периодот: 30% во обновување на постоечките модели, 20% во комплетно нови модели, 20% во електричен погон, 15% во конвенционални мотори и менувачи, 15% во инфраструктура.
Вака изгледа планот за распределба на вложувањата во одделните марки во концернот
Вака се менуваше и ќе се менува уделот на различните каросериски изведби во продажбата на Fiat Chrysler до 2022 година

























