За нешто повеќе од една година се производоа илјада примероци од најголемиот и најмоќен стандарден трактор во светот, Fendt 1000 Vario. Тој лани пожнеа неколку титули на трактор на годината, а во меѓувреме се докажува и со штедливоста, што во браншата секако е поважно од фактот дека најмоќната верзија располага со 517 КС.
За специјализираните медиуми тој е „ферари меѓу тракторите“, а за луѓето што ретко се соочуваат со вакви џиновски машини од полињата е појава што тера на стравопочит. Тој е најголемиот и најмоќен стандарден трактот во светот, неговото височество Fendt 1000 Vario. Од стартот во есента 2016-та, Fendt произведе илјада примероци од својот топ-трактор во погоните во баварскиот Марктобердорф.
Со 517 коњски сили во најмоќната изведба, Fendt 1000 Vario отвори нов сегмент за големите трактори
Јубилејниот примерок е Fendt 1038 Vario со 380 КС и заминува за Канада, во служба на млекарницата Терпстра Фармс во Онтарио. Деновиве тракторот ќе биде качен на брод, а сопствениците можат да го очекуваат кон крајот на февруари следната година.
Водечкиот производител на големи трактори разви револуционерна конструкција за својот топ-модел, кој воедно отвори и нов сегмент за големите трактори, со моќноста меѓу 380 и 517 КС. Тоа што најмногу ги привлекува земјоделците е ниската потрошувачка, којашто произлегува од концептот на ниски вртежи. Максималниот вртежен момент се постигнува при само 1.100 вртежи. Брзината на пат изнесува 60 km/h. Подвозјето самостојно го распределува оптоварувањето меѓу оските и меѓу другото вклучува систем за регулирање на притисокот во гумите.
Светски медиуми известуваа од премиерата на Fendt 1000 Vario во Нојшвајнштајн
Големата помпа околу супертракторот започна уште во јули 2014 година, при неговата премиера пред прочуениот замок Нојшвајнштајн во Баварија. Светските медиуми објавуваа фотографии и информации за тракторот со 500 КС, иако дотогаш веројатно не ги ни забележувале овие колоси. Две години подоцна беа организирани и масовни тест-возења за клиентите во Европа и Северна Америка.
„Илјадарката“ на Fendt досега освои 16 меѓународни награди, вклучувајќи и трактор за 2016 година. Половината од продажбата е постигната на пазарите во САД и Канада, додека останатата половина е во служба во Европа, Африка, Австралија и Азија. Најмногу возила се продадени во Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Русија и Данска.
На последните тестирања од специјализирани организации се покажа дека Fendt 1000 Vario се одликува и со врвна штедливост. Во изведбата 1042 Vario, дизелот просечно троши 236 g/kWh. Помоќната варијанта 1046 спушта за уште два грама. Тоа се два нови светски рекорди во штедливост.
















