Во кокпитот отсекаде изникнуваат дисплеи, дојде време тие да почнат да ја освојуваат и надворешноста на возилото. Фирма во Калифорнија ги заменува обичните регистерски таблици со дисплеј со многубројни функции, вклучувајќи и сигурносна придобивка
Американската сојузна држава Калифорнија се подготвува да воведе дигитални регистерски таблици. Освен бројки и букви, на монохроматските дисплеи може да се прикажуваат и симболи за наплата на патарина или овластувања за пристап.
Во моментов таблиците нудат само алармна функција. Кога сопственикот ќе пријави дека возилото му е украдено, таблицата почнува да трепка постојано и со тоа ја предупредува полицијата. Во опремата спаѓа и ГПС-предавател, заради лоцирање на таблицата – доколку таа уште е на возилото.
Во пробната фаза ќе се издадат до 180.000 дигитални регистрации. Таа ќе послужи за стекнување искуства со новата технологија. Во 2020 година конечно ќе се решава за или против воведување на новиот вид таблици на возилата. Тексас и Аризона исто така се заинтересирани.
Соодветно на технологијата расте и цената на регистерските таблици
Главна целна група се фирми со голем возен парк. Тоа се покажува и во цената, затоа што само задна таблица чини околу 700 евра. Моментно само фирмата Rplate ги нуди иновативните таблици. Технологијата во меѓувреме пристигна и во Дубаи, кадешто исто така се вршат тестирања во секојдневието.
Во случај на незгода, возилото опремено со овие таблици автоматски ги повикува полицијата и брзата помош. Оваа функција е организирана поинаку во Европа. Од 31-ви март, сите нови генерации автомобили мора да бидат опремени со автоматската дојава на незгода eCall.
Многу предности, но и еден голем недостаток
Таблиците може да служат и за комуникација меѓу возачите, на пример за соопштување за застој на патот. Со нив може да се плаќа и паркирањето, но можеби е најдобро тоа што за добивање нови таблици или за обновување на регистрацијата не мора да се чека на шалтер. Сите промени се внесуваат автоматски, преку апликација.
Но, има еден проблем. Кога ќе се постават скенери и камери на сите улици и патишта, секое движење на возилото може да се следи многу лесно. Тоа важи за секое возило опремено со дигиталните таблици и за секој возач на такво возило.