Редакцијата на порталот Аутомедиа.мк со најдобри намери во изминатиот период објавува месечен преглед на продажбата на нови патнички автомобили и доставни возила на македонскиот пазар, коишто за жал се темелат на непотврдени и неофицијални податоци, што е напоменато во секоја објава за месечната продажба. Официјални податоци од централна дистрибуција не постојат. Увозникот Порше Македонија ни испрати демант, реагирајќи дека со овие објави се прикажува нереална состојба и се нанесува штета на сите брендови на пазарот.
Аутомедиа повеќе нема да објавува текстови коишто се однесуваат на продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар и коишто не потекнуваат од официјални извори.
Во продолжение демантот на Порше Македонија.
Забележавме дека на Automedia.mk повторно објавувате податоци за продажбата на нови возила во Македонија, и покрај тоа што таквите информации не се јавно и официјално достапни од 2021 година.
Конкретно, во Вашата најнова статија, наведувате „Според неофицијалните податоци…“ и „Податоците се неофицијални и повеќето увозници се оградуваат…“, но истовремено пласирате конкретни бројки и проценки за раст на пазарот, како и заклучоци. Сакаме да укажеме дека бројките што ги наведувате за Škoda не се точни и создаваат погрешна слика за пазарот, што му штети на брендот.
Ова не е првпат да реагираме поради вакви објави – во изминатата година веќе неколку пати укажавме дека податоците што ги објавувате не се официјални и не можат да бидат земени како релевантни. И покрај тоа, Вие продолжувате со истата пракса, што дополнително ја доведува во заблуда јавноста и го нарушува угледот на сите брендови на пазарот.
Би сакале, уште еднаш, да Ве замолиме да престанете со објавување на непотврдени податоци за продажбата на нови возила за нашите брендови.















