Кинески БИД ја назначи поранешната шефица на концернот Стелантис за Британија, Мариа Грациа Давино, да се грижи за проширувањето на марката на европскиот пазар.
БИД ја ангажира Мариа Грациа Давино, поранешна директорка на концернот Стелантис, со носечките марки Пежо и Фиат, во време кога кинескиот производител на електрични возила создава тим од директори од Европа, коишто ќе раководат со проширувањето во регионот, соопштуваат лица што се упатени во состојбите.
Давино веројатно ќе добие одговорност за неколку клучни пазари во Европа, откако во декември ќе ѝ заврши платениот одмор (гарден лив, практика во ОК, кога вработен поднесува отказ, но останува уште извесно време во фирмата, без да презема работни обврски). Тоа го кажуваат лица што остануваат во анонимност, затоа што се работи за приватни нешта.
Давино на 18-ти октомври поднесе оставка од својата функција во Стелантис. Таа е трета директорка од високите редови што во изминатите недели си замина од Стелантис во БИД.
Алесандро Гросо, поранешниот потпретседател на Стелантис за продажба во Италија, месецов се придружи во БИД како менаџер за тој пазар. Алберто Де Аца ќе раководи со БИД во Шпанија и Португалија, кажуваат извори. Аца е директор на Пежо, марка на Стелантис, во тие земји.
Од БИД не коментираат околу нивните планови за вработување. Стелантис исто така не коментира за личните одлуки на своите вработени и наведува дека располага со „богат пул од автомобилски таленти ширум светот.“
БИД продолжува да се пробива во Европа, за разлика од останатите производители на елеткрични автомобили од Кина, што забавија со своето ширење во регионот. Продажбата на БИД во август порасна за 19 проценти, и покрај забавувањето на увозот на ЕВ од Кина, откако Европската Унија воведе казнени царини за ЕВ што се произведени во Кина.
Најголемиот производител на ЕВ во Кина, гради фабрики во Унгарија и Турција, за локално да ги произведува своите модели.
Гросо, Де Аца и Давино се поранешни директори од Фиат Крајслер, којшто во 2021 година се здружи со француската ПСА Групација, за да го создаде Стелантис.
Пред неколку месеци, БИД го назначи поранешниот регионален шеф на Фиат Крајслер, Алфредо Алтавила, за специјален советник за Европа.
Стелантис ги скусува трошоците откако почна да се намалува пазарниот удел на клучните пазари во Европа, како Франција и Италија.
















