Моделите на американската марка ги познаваме главно како големи и тешки теренци. Но, пред 70 години Buick произведе еден малку поразличен модел – еден од најбрзите тенкови во втората светска војна
Секој производител на автомобили со подолга историја ги доживеал големите војни. Под присила или доброволно, во периодот од 1939 до 1945 година, цивилните возила на производствената лента беа заменети со воени возила, амфибии, тенкови, наоружување. Дури и Porsche, пред да стане производител на спортски возила, изработуваше тенкови за германската армија. Најголемиот модел во историјата на Porsche е токму тенк, и тоа десетметарски и тежок речиси 200 тони.
Додека германските производители од разбирливи причини избегнуваат да ги користат своите активности во војната во маркетиншки цели, Американците се горди на нивните активности на фронтот. Марката Buick ја прослави 110-годишнината со специјален модел, со тенкот М18, познат како Хелкет, или пеколна мачка. Откако во 1942 година од фабриката излезе последниот цивилен модел на Buick, производителот целосно се посвети на авионски мотори, муниција и на тенкови.
Дизајнот на тенкот потекнува од Харли Ерл, кој подоцна во мирно време го креираше и легендарниот студиски автомобил Buick Y-Job и ги развлече препознатливите перки на Cadillac од 1950-те години. Хелкет тежи 20 тони, односно десетпати повече од спортскиот теренец Buick Enclave од актуелната продукција. За погонот се грижеше деветцилиндарски авионски мотор со 450 КС, со кого тенкот постигнуваше и до 100 километри на час. Во борбите против германскта армија во окупираната Франција, овој Buick беше вредна поддршка за силите на алијансата да го возвратат ударот на Ардените.
Хелкет се произведуваше од 1943 до 1944 година. Инженерите ја тестираа воената машина на истата патека каде што се тестираа и лимузините на Buick. Вкупно се произведени 2.500 примероци од тенкот, покрај тоа уште 20.000 мотори и милиони куршуми за фронтот. Не е познато колку пеколни мачки преживеале до денес, но факт е дека неколку примероци беа користени и во граѓанските војни во поранешна Југославија во 1990-те години.