за

BMW Z4 даде стартен сигнал за уживањето во возење

BMW Z4 pretpremiera

Новата генерација на BMW Z4 ги добива завршните дотерувања во погонот и подвозјето на тест-патеката во Мирамас, на југот на Франција. Родстерот што во најчиста форма ги симболизира врвните возни својства на баварската марка, за првпат има близнак од друга марка

Првпат во својата историја BMW развива автомобил во соработка со друг производител. Тоа што кај Баварците е родстерот Z4, кај Toyota ќе биде купето Supra. Оваа соработка беше неизбежна, затоа што продажбата на родстери е во постојан пад и трошоците за развој и производство тешко се покриваат доколку не се споделат со друг. Дури и најпродаваниот родстер на сите времиња, Mazda MX-5, денес има близнак во Fiat 124 Spider.

Светскиот пазар на кабриолети и родстери се преполови во последниве десетина години. Од 800.000 примероци во 2007 година, лани пазарот достигна само 418.000 примероци. Нема изгледи дека пазарот ќе заздрави во следните години.

BMW Z4 1

Сознанието дека BMW Z4 ќе ги дели техниката и инженерингот со некој друг автомобил не мора да се зема премногу при срце. Од тоа што се гледа на фотографиите, на кои родстерот уште е во маскирна униформа и од тоа Јапонците го прикажаа како спортски маскирана верзија на Supra, техничката спрега меѓу двата автомобила не се покажува во изгледот на возилата – настрана од фактот што едниот е родстер, другиот купе.

Буквата Z е како гаранција за врвни возни својства – особено во комбинација со M

Од друга страна, минхенската марка сигурно нема да дозволи нејзиното лого да се најде на автомобил што не вози како BMW. Уште отсега, фановите на марката може да бидат сигурни дека Z4 ќе има возни својства во најдобрата традиција на „Z“, којашто датира уште од легендарниот Z1. Нема место за компромиси во модел што повеќето сопственици ќе го имаат како втор автомобил во возниот парк и очекуваат тој да го понуди најдоброто што може да се добие од родстер со знак на BMW.

BMW Z4 3

За разлика од моделот од претходната генерација, којшто веќе две години отсуствува од ценовникот, новиот Z4 ќе поседува многу поспортска нота и со карактерот повеќе ќе му парира на Porsche 718, отколку на комфорниот Mercedes SLC. Изобилството од комфорна опрема и забавна електроника не би требало да залажува. Z4 е првиот модел во својот сегмент што ќе нуди опција за проекциски дисплеј.

Најзначајната промена е во замената на преклопливиот метален покрив со класичен платнен покрив. Тоа заштедува 50 килограми, но ефектот врз возните својства е многу поголем, затоа што станува збор за тежина којашто е одземена „озгора“, а не во основата на возилото. Класичниот изглед е поубав, а и спуштањето на покривот е побрзо. Покрај тоа, зафатнината на багажникот од 265 литри не се менува.

Во споредба со претходникот, меѓуоскиното растојание е скусено, додека трагите на обете оски се пошироки. Тоа се две работи што одат чисто во корист на динамиката во свијоци. Подвозјето добива и варијабилно спортско управување, приспособлива амортизација и електронски симулирана блокада на диференцијал.

BMW Z4 ќе има премиера на престижниот собир на богати колекционери на автомобили во Пебл Бич, кон крајот на август. Таму, лани дебитираше и концептниот автомобил со когошто беше најавен скориот старт на родстерот. Испораките ќе стартуваат во следниот март. Кај моторите не смее да има двоумење, под хаубата работи BMW. Во почетокот ќе се нуди само моделската изведба M40i, со трилитарски шестцилиндарец, со 340 КС и 500 њутнметри. Со овој мотор, двоседот ќе спринтува до 100 за помалку од пет секунди.

Цената на M40i ќе изнесува околу 60.000 евра. Подоцна ќе следат најмалку уште две моделски изведби со четирицилиндарски мотор, со околу 200 КС и цена од 40.000 евра за основната верзија.

[FAG id=32921]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

honda hondajet elite

Оваа Honda има поголем досег од сите

продажба нови автомобили

Во април продадени 412 нови автомобили во Македонија