за

BMW X2 по принцип на ситуациска комедија

bmw x2

Понудата од модели на баварците стана како телевизиска продукција за масовна публика. Со BMW X2 пристига шестата ситком серија во продукција на Минхен, во којашто на публиката ѝ се сервира докажаниот концепт на кросовер. Нема новитети во техниката, нема ниту хибрид, сé е само шминка.

Големите производители на автомобили веќе одамна не ни приредуваат изненадувања. Се работи строго според докажани формули, нешто слично на тв-серија, можеби не турска или шпанска не-памтам-дека-сум-го-родила серија, туку повеќе како американски ситком, со една софа и проблематични соседи.

BMW X2 2

BMW X2 е шестиот ситком во продукција на минхенската куќа, со познат заплет. На публиката ѝ се нуди вкрстен автомобилски концепт што го гледа светот околу себе од повисоко. Феноменот има логично објаснување. Произведувачите со малку трошок и уште помалку напор изведуваат навидум нов автомобил, но затоа ги враќаат трошоците неколкукратно. Изработката на кросовер чини неколку стотини евра повеќе, а крајната цена му е за неколку илјади евра повисока од нормална комбилимузина. Пазарот го „купува“ тоа, купувачите се среќни. Мамењето моментно наидува на добар помин. И смеењето во звучната кулиса во ситкомите е лажно.

BMW X2 не е автомобил што и Hyundai не би можел да го ископира

Во заплетот за X2 е различно тоа што возилото е за 8 сантиметри покусо и 7 сантиметри пониско од X1. Растојанието од подлогата е идентично, 18 сантиметри, исто како и меѓуоскиното растојание. Место 505 и 1.550 литри, багажникот во BMX X2 нуди 470 и 1.355 литри. Спуштањето на покривот за половина кат одзеде дваесетина килограми од тежината, пониското тежиште што резултира од тоа ќе се покаже во возните својства. Никаква наука за 21-ви век, уште во минатиот век Porsche 356 возеше поспортски од „бубата“.

BMW X2 3

Новитетот е во тоа што X2 ќе биде уште поскржав со просторот отколку X1, но и покрај тоа за него ќе се чека исто толку долго како за Q2. Лутиот изглед, постигнат преку доминантната висина на хаубата во контраст со ниските прозорци, не е последниот дизајнерски крик – Toyota уште пред една деценија избрза со Urban Cruiser.

BMW X2 4

Сите мотори се четирицилиндарски – освен трицилиндарецот од 1,5 литар за X2 sDrive18i. Купувачите на коишто им е важно да бидат меѓу првите, ќе мора да платат поскапо. Вообичаено за премиум-марките, понудата во почетокот ги вклучува посилните моделски изведби: X2 sDrive20i со погон напред, турбо-дволитарец со 192 КС и седумстепен менувач со двојна спојка, X2 xDrive20d и xDrive25d, со дволитарски дизел со 190 и 231 КС, осумстепен автоматик и погон на сите тркала.

BMW X2 5

Плагин-хибрид не се спомнува, BMW не сака во имиџот на X2 да фигурира било каква електрификација на погонската спрега. Тоа е чудна тврдоглавост, во време кога метрополи како Лондон или Париз веќе почнуваат да се збогуваат со моторите со внатрешно согорување. Реално чистата и реално штедливата погонска техника останува резервирана за обичниот ван од серијата 2.

Највозбудливиот“ момент кај X2 е во тоа што бубрезите на BMW за првпат се пошироки во долниот дел и на задниот столб е залепено логото на марката

Очигледно дека во денешно време е полесно да се изостави погонска опција, отколку да се направи пропуст во конективноста или системите за асистенција. Во BMW X2 следуваат безжична мрежа, проекциски дисплеј, помошник за запирање и поаѓање во колона, дисплеј со големина до 8 инчи, кој целосно го „симнува“ паметниот телефон.

BMW X2 1

Продажбата стартува во март, со дволитарските модели. Цените за германскиот пазар: sDrive20i во стандардната изведба чини 39.200 евра, xDrive20d се добива за 43.800 евра, додека xDrive25d не е достапен во обичната верзија, туку стартува од 46.800 евра во линијата Advantage.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

најбрзи патнички комбиња

Топ 10 Најбрзи патнички комбиња: Темпо 200 и спринт за девет секунди

Skoda Octavia G-Tec

Skoda Octavia на метан со попуст од 7.000 евра во Германија