за

Новиот БМВ М5 е хибрид

Секако дека тоа не е обичен хибрид, туку е М Хибрид и љубопитноста повеќе е околу тоа што го имаат смислено техничарите во М ГмбХ, отколку што е околу прашањето, дали тоа сé уште е М5.

Таа е легенда што постои 40 години и штотуку почнува нова ера. Во седмата генерација, во БМВ М5 првпат се вмешува електромотор во погонот.

Податоците што им значат многу на фановите на БМВ: 286 КС, Е28, 3,5 литри, потоа 10 цилиндри, 5 литри, 507 КС, 7.750 вртежи, за низата да заврши со 635 КС. Овие, и уште бројни други податоци, ги помни секој вистински заљубеник во БМВ. Тоа се бројки од историјата на М5. Сега има нови бројки.

Новата бројка за фановите на М5 е 727 КС. Тоа е системската моќност на најновото колено на една од најславните моделски серии на бизнис лимузини со високи перформанси, на М5 од генерацијата Г90. Првпат се зборува за системска моќност, затоа што истата се постигнува заеднички со работата на моторот и на електромоторот. Лесно се помни и максималната вредност на вртежниот момент. Тоа се 1.000 њутнметри, системски.

Најдобрата вест сепак е во тоа што моторот си ги задржа осумте цилиндри. Во најновиот М5 и натаму работи мотор Ве-8, со твинтурбо, погон на сите тркала М икс-Драјв, 8-степен М Стептроник, плус електромотор. Спринтот до темпо сто трае 3,5 секунди.

Со изгледот, тоа и натаму е М5, со нагласени арки на крилата и прагови, со динамично моделиран преден браник, и како што порачуваат од М ГмбХ, со „невообичаено голем удел на површини што се лакирани во бојата на каросеријата“.

Баварците проценија дека собирот во Гудвуд, ценетиот Фестивал на брзината, ќе биде вистинско место за светот првпат да ја види новата М5 во живо. Овој светски важен настан, во „дворот“ на Лорд Марч, се одржува во јули. Во Динголфинг во следните денови ќе отпочне и редовното сериско производство на екстремниот „ем-финфер“. Првите примероци ќе им бидат испорачани на клиентите во ноември. Тоа ќе се совпадне со стартот на комбито, М5 Туринг.

Најголем пазар се САД, потоа следат Велика Британија, Германија, Јужна Кореја, Кина, Јапонија и Канада.

Моторот е 4,4-литарски Ве-8, според класичниот принцип на високи вртежи, со посебна издувна гранка за секоја страна на моторот. Електромоторот е вграден во ѕвоното на 8-степениот автоматик. Моќноста на моторот е 585 КС, вртежниот момент е 750 њутнметри. Максималната можност на електромоторот изнесува 145 кВ, односно 197 КС, вртежниот момент достигнува 280 њутнметри. Посебен пренос прави неговиот вртежен момент да се зголеми на 450 њутнметри.

Хибридниот погон во основата е изведен по пример на БМВ М Хибрид В8, хиперавтомобилот со којшто Баварците се вклучија во светското првенство во трки во издржливост. Секако дека хибридот во М5 се поврзува со имиџот од „Леман-БМВ“.

Брзината е ограничена на 250 км/ч, со доплата за М возачки пакет, лимитот се поместува на 305 км/ч.

Спортскиот издув со клапни што се управуваат електрично се подразбира, исто како парот од по две издувни цевки, со завршеток со пречник од 100 милиметри, во црна хром боја.

Кога електромоторот се вмешува во игра, звукот е сличен како кај електричните модели на БМВ. Тоа може да потрае, затоа што според фабрика, досегот на М5 при возење чисто на струја се движи околу 65 километри. М5 е приклучен хибрид, со голема батерија.

Батеријата долу во подот има големина од 18,6 кВч и со вградениот полнач може да се полни со моќност до 7,4 кВ.

Стандард е адаптивно М подвозје со електронски регулирани амортизери и управувана задна оска, со тркала што се вртат до 1,5 степен. Секоја М5 излегува од фабрика и со комбиниран систем за сопирање М Компаунд. Опција се керамички сопирачки. Тркалата напред имаат пречник од 20 инчи, назад 21 инчи.

Цените уште не се соопштуваат. Тоа што Минхен исто така не го соопштува, тоа е изведбата Компетишн. ЦС, исто така. Се чека и тоа.

Тестот на БМВ 520д во Аутомедиа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Соренто пречекан во Киа како знаменосец

Ситроен има нови модели што ги вознемируваат соперниците