Добриот резултат од втората половина на минатата година му дава добар ветер во грб на BMW за оваа година. Од јули до декември, концернот заработил над 4,7 милијарди евра, што е за близу десетина проценти над истиот период во годината пред кризата.
BMW во втората половина надомести за силниот пад во продажбата под удар од пандемијата и продаде за 5,9% повеќе возила (над 1,36 милион) отколку во истиот период во 2019 година. Тоа ги донесе потребните свежи пари во концернот.
Добри вести и за намалувањето на емисијата на СО2. Благодарение на засилената продажба на возила со електрифициран погон од марките BMW и Mini, групацијата постигнала просек од 99 грами СО2 на километар – тоа е далеку под 104 грами на километар, колку што Комисијата на ЕУ одреди како лимит за баварскиот производител. Нема скапи казни за BMW.
Едно од секои седум продадени возила од BMW и Mini во Европа лани било со електричен или приклучен хибриден погон
Лани од марките BMW и Mini се продадени 192.662 возила со електричен или приклучен хибриден погон ширум светот. Продажбата напредувала за +31,8% во споредба со 2019 година. Чисто електричните возила ја зголемиле продажбата за 13%, додека возилата со приклучен хибриден погон привлекле за близу 40% повеќе клиенти отколку преклани. Уделот на електрифицираните модели во Европа изнесува 15 проценти.
Електричниот теренец BMW iX3, пред неколку седмици започна да се испорачува и на европскот пазар, откако тој во минатата есен стартуваше на големиот електро-пазар Кина. Заедно со BMW i3, со MINI Cooper SE, како и со претстојните BMW i4 и iX, баварскиот концерн годинава ќе има дури пет целосно електрични модели во својата понуда.

Поради пандемијата, BMW Group лани морал да ги смали вложувањата во истражување и развој, но висината на тие средства секако дека е импресивна: Вкупно 5,7 милијарди евра, за 4,4% помалку отколку во 2019 година. Квотата што се вложува во развој сепак остана непроменета, со 6,3% од вкупниот промет на концернот.
Како што напредува електрификацијата, до 2025 година ќе си заминат до 50% од варијантите на мотори што BMW Group ги вградува во моментов. Се најавува и намалување на моделската понуда.
Во последниот квартал лани, испораките на возила од трите премиум марки BMW, MINI и Rolls-Royce пораснале на 686.277 возила (+3,2%). Прометот бил 29.482 милиони €, што е за 0,4% над вредноста во истиот период преклани.
За цела ’20, испораките на возила сепак се намалиле за -8,4 проценти, на вкупно 2.325.179 возила. Прометот исто така се намалил благо, на 98.990 милиони € (-5,0%). Деловниот резултат за цела година сепак претрпел позначаен удар и намален е за 34,8% на 4.830 милиони €.
Само од марката BMW се продадени 2.028.841 возила (-7,1%). Најголем раст е регистриран во високиот луксузен сегмент. Сериите 7 и 8, како и X7, ја зголемиле продажбата за 12,4% на вкупно повеќе од 115.000 возила. Во споредба со 2018 година, тоа се за 70% повеќе возила од овие сегменти.
BMW M возилата исто напредувале за 6% и постигнале вкупно 144.218 продажби. Посебен интерес има за M-верзиите од X-моделите. Годинава ќе има уште поголем раст, со неодамнешниот старт на новите M3 и M4.
Марката Mini повеќе го почувствува товарот од кризата и продаде 292.582 возила, што е за -15,8% помалку отколку во 2019 година. Одлични бројки за целосно електричниот MINI Cooper SE со 17.580 продадени примероци. Не заостануваат многу и најсилните и најексклузивни верзии: Вкупно 20.565 примероци (+20,8%) се испорачани од моделските варијанти John Cooper Works.

Rolls-Royce испорачал 3.756 возила (-26,4%). Овој пад се темели на моделската смена на Ghost, бестселерот на ексклузивната марка, кој од есеноска се нуди во нова генерација. Моментно списокот со нарачки е полн до длабоко во втората половина на годинава. Посебно голем интерес е регистриран за моделите што се изработуваат по екстра-нарачка, т.н. Bespoke-изведби.
Четвртата, но не и последна марка е BMW Motorrad, со вкупно 169.272 испорачани мотоцикли и скутери лани (-3,4%). Со воведувањето на 13 нови модели, продажбата се зголемила во последниот квартал лани, со 39.673 возила и +4,0 проценти.
















