Баварците го планираат наследникот на спортскиот Z4 за 2018 година. Партнер во развојот на моделот со заден погон и моќност до 367 КС ќе биде Toyota.
Во развојот на новиот двосед со заден погон и мотор зад предната оска BMW ќе соработува со Toyota. Тоа ќе ги намали трошоците за развој на наследникот на Z4, чија што продажба не ги исполни очекувањата на баварската марка, а Toyota ќе добие модел кој ќе го зајакне спортскиот имиџ на марката на американскиот пазар, како замена за GT86 или како дополнување на понудата со уште еден модел со преку 200 КС.
Според плановите, BMW ќе го понуди моделот прво како родстер, додека Јапонците ќе го продаваат возилото во купе изведба, а подоцна и обата модела ќе бидат достапни во двете каросериски изведби. Стартот на производството се планира за 2018 година, со цена на возилото меѓу 30.000 и 50.000 евра.
Најголемиот дел од развојот ќе биде дело на BMW. Моторите ќе потекнуваат од Германија, додека Јапонците ќе ги испорачуваат компонентите од електрониката и од хибридниот погон. BMW ќе го нуди моделот со четирицилиндарски мотори, Toyota со шестцилиндарски, а дијапазонот на моќност ќе се движи меѓу 211 и 367 КС. Предвидено е да се понуди и верзија со хибриден погон eDrive.