за

Bitter CD: Најдобриот „Opel“ на сите времиња

Bitter CD (Фото www.autoclassics.com)

Bitter CD е спортскиот автомобил на Opel, од времињата кога менаџментот во Детроит не дозволуваше европската марка да има таков модел во понудата. Bitter CD е најубавиот спортски автомобил што не потекнува од Италија

Оваа автомобилска легенда ни доаѓа од времињата кога јавноста не ги знаеше сите детали за новите модели уште со месеци пред нивната салонска премиера, туку новитетите беа чувани во тајност сé до симнувањето на велот под рефлекторско светло. Денес може да се стекне само бледа претстава, како публиката покрај штандот го доживеала моментот кога пред неа блеснала каросеријата на Bitter CD.

Премиерата на овој гран-туризмо се случува во септември 1973 година, на салонот во Франкфурт. Ерих Битер, сопственик на малата каросериска работилница, го претстави пред светот големото купе со техника од Opel Diplomat. Моторот e V8 со работна зафатнина од 5,4 литри, а дизајнот го потпишува Џорџ Галион, тогашен дизајнер на Opel.

Фото: www.autoclassics.com/
Bitter CD (Фото: www.autoclassics.com)

Со цената од 58.400 германски марки, Bitter CD е најскапиот германски автомобил во тоа време. Цената не е пречка за 176 клиенти да резервираат примерок уште за време на салонот. До крајот на годината се распродава целата планирана серија од илјада примероци. Но, тогаш избива нафтената криза. Клиентите масовно ги откажуваат нарачките за автомобилот. Производството сепак стартува, кај познатиот каросерист Baur во Штутгарт.

Ерих Битер има мошне успешна тркачка кариера и тргува со автомобили и прибор за тркачи

Ерих Битер не е непознато име на автомобилската сцена. Како најстар син на трговец со велосипеди во германскиот Швелм, тој по матурирањето станува професионален велосипедист, но набрзо мора да го замени велосипедското со автомобилско седиште, поради здравствени проблеми. Германецот се натпреварува во NSU Prinz, Saab, Volvo и Abarth, постигнува и забележителни резултати.

Паралелно работи фирмата Rallye-Bitter, којашто прва започнува со продажба на опрема за тркачи, а воедно продава и автомобили на NSU и Saab. Желбата да увезува Abarth во Германија, не му се исполнува на Битер. Место тоа, се отвора застапништво за новата италијанска марка Intermeccanica.

Intermeccanica Indra.JPG
By Erika39Own work, CC BY 3.0, Link

Германецот предлага моторите од Ford во Intermeccanica Italia да се заменат со мотори од Opel, што е сосем реалистичен план, покрај неговите силни „тркачки“ врски со германската марка. Но, потребни се преголеми преправки на Italia. Поради тоа, партнерите заеднички го развиваат новиот модел Intermeccanica Indra, со техника од Opel Diplomat. Главниот проблем сепак останува. Квалитетот на изработката во Торино е исклучително лош. Соработката прекинува, Битер почнува да работи на сопствен автомобил.

Opel CD Concept (Opel Coupe Diplomat)

Во тоа време, Opel има големи очекувања од своите престижни модели Kapitän, Admiral и Diplomat (познати и како KAD). Во 1969 година, на салонот во Франфурт се појавува студијата Opel CD (од Coupe Diplomat). Публиката реагира еуфорично, по што менаџментот го ангажира италијанскиот дизајнер Пјетро Фруа да подготви сериска верзија на дизајнот на возилото. Следната година на салонот во Париз се појавува Frua CD.

Frua cd front.jpg
By AvtOwn work, CC BY 3.0, Link

Изгледот на купето е сепак премногу радикален за да се вклопи со имиџот на останатите модели на марката. Тогашниот шеф за продажба на Opel, легендарниот Боб Луц, сето време ги следи и подржува плановите на Битер. Тој смета дека чистокрвен и скап спортски автомобил под знакот на Bitter, со врвната техника од Opel Diplomat, би можел да има мошне позитивно влијание врз луксузното трио KAD.

Frua cd heck.jpg
By AvtOwn work, CC BY 3.0, Link

Така и бива. Ерих Битер ги добива на располагање механиката од Opel Diplomat, дизајнерите на големата германска марка и автомобил во полуготова развојна фаза. Во септември 1973 година се појавува Bitter CD, гран-туризмо со четири седишта, со механика од Opel Diplomat, со радикално спуштен нос и преклопливи светла, прозорци без рамка и огромно задно стакло место класичен капак.

Големата нафтена криза е глвната пречка за успехот на Bitter CD – исто како и на многу други спектакуларни модели од тоа време

Првичниот план е возилата да се продаваат мреку мрежата на Opel. Но, плановите пропаѓаат поради нафтената криза. Ерих Битер сам ја презема продажбата и во кризната 1974 година продава 95 примероци. Клиенти се фудбалски репрезентативци и врвни скијачи.

Bitter CD (Фото: www.autoclassics.com)

Пазарот го цени Bitter CD поради високиот квалитет и врвната изработка. Под предната хауба на автомобилот долг 4,86 и широк 1,85 метри работи серискиот осумцилиндарец од Opel Diplomat со зафатнина од 5,4 литри и 230 КС. Извршени се неколку измени. Додадени се уште еден ладилник за масло, поефикасен ладилник за системот за ладење на моторот и двоен електричен вентилатор.

Фабриката декларира просечна потрошувачка од 21,8 литри на сто километри: Реалноста е многу посурова

Подвозјето од Diplomat, со Де Дион задна оска и вентилирани сопирачки дискови, нема проблем да обезбеди солидна возна динамика на автомобилот тежок 1.760 килограми. Спринтот до темпо сто трае 9,5 секунди, а крајната брзина изнесува 220 km/h. Но, и резервоарот се троши брзо. Според фабричките податоци, просечната потрошувачка изнесува 21,8 литри на сто километри.

Bitter CD (Фото: www.autoclassics.com)

До 1980 година се продаваат вкупно 395 автомобили. Пред крајот на деценијата запира испораката на моторите и механиката, откако Opel ги заменува своите големи модели со новиот Senator и со купето Monza, кои се една класа под легендарното трио KAD. Техничката основа за новите модели ја нуди Rekord.

Микелоти добива налог да го дизајнира наследникот на Bitter CD

Bitter исто така се преориентира на Senator/Monza и го развива наследникот на CD. Во дизајнот повторно учествува Opel, овојпат со новиот шеф Хенри Хага. Италијанскиот дизајнер Џовани Микелоти добива налог да изработи макета во гипс во природна големина, потоа да изработи прототип во возна состојба и на крајот да го подготви автомобилот за сериското производство.

Bitter CD (Фото: www.autoclassics.com)

Но, Микелоти заболува од рак на белите дробови и набрзо починува. Остануваат неискористливи цртежи и недоработен прототип од Senator Coupe, односно од идниот Bitter SC. Калапите не се изработени, иако се платени. Битер останува покус за осум милиони германски марки, со коишто требало да се изработат 200-те калапи.

Тој повеќе не е во состојба самостојно да инвестира во автомобилската марка и им продава удел во компанијата на неколку индустриски концерни од Тиринген. На салонот во Франкфурт во 1979 година, сепак се појавува готов модел на Bitter SC. Каросеријата сега ја изработува италијанската фирма Ocra, а внатрешноста ја изведува фирмата Salt од Торино.

Bitter CD (Фото: www.autoclassics.com)

Производството стартува во 1981 година. Техниката е комплетно преземена од Senator, без какви било измени. Но, квалитетот на производство во Ocra е катастрофален. Ерих Битер им го одзема налогот на Италијанците и ја ангажира Ilca Maggiora. Повторно мирува производството, нема купувачи за автомобилот. Германецот се обидува да привлече нов капитал преку њујоршката берза, но тоа само ја докрајчува финансиската руина на фирмата.

Боб Луц му советува на Ерих Битер да изведе луксузна верзија од австралискиот Holden Statesman

Битер продолжува да развива автомобил под своето име, со техника од Opel. Боб Луц во тоа време е веќе заменик претседател на General Motors и продолжува со поддршката. Тој му советува на Ерих Битер да изведе луксузна варијанта од лимузината Holden Statesman, од австралиската марка на GM. Прототип од автомобилот се појавува во јавноста како Bitter Vero. Финансиите и натаму се проблем, без нив не може да стартува сериското призводство. Ниту пазарот не покажува интерес за новиот модел.

Битер се повлекува од автомобилското производство во средината на 1990-те години и продолжува да работи на развој на автомобили, по налог од други компании. Едно важно поглавје од автомобилската историја сепак останува запишано

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Швајцарија ќе ги шири улиците поради многубројните СУВ-ови

Швајцарија ќе ги шири улиците поради многуте СУВ-ови

Со Golf V преправен на струја на пат околу светот

Со Golf V преправен на струја на пат околу светот