
Хемискиот концерн BASF, според внатрешни гласини, можно е да се раздели од својот неодамна осамостоен бизнис со катализатори за бензински и дизел мотори.
Големиот концерн што учествува во одредувањето на берзанскиот индекс Dax, издал налог до инвестициската банка Morgan Stanley, да побара неколку опции за бизнисот со катализатори вреден три милијарди долари. Меѓу опциите се спомнува и можна продажба.
Веста ја објави новинската агенција Блумберг, повикувајќи се на лица што се упатени во предметот. Уште не е донесено решение. Од компанијата не сакаат да коментираат за објавата на веста.
Акциите на BASF почнаа да растат во вторникот во попладнето, за на крајот нивната вредност да биде нотирана 1,5 процент во плус.
BASF пред завршетокот на јули донесе решение, за работната единица за мобилни катализатори за издувни гасови и благородни метали, да се издвои од деловната група Catalysts. Таа сега се води како BASF Environmental Catalyst and Metal Solutions (ECMS), со седиште во американската сојузна држава Њу Џерси.
Компанијата произведува катализатори за возила со бензински и дизел мотори, но и за мотоцикли и за мали мотори. Покрај тоа, ECMS врши и услуги со благородни метали, рекламирајќи се како најголем погон во светски рамки за рециклирање на благородни метали од катализатори од стари возила. ECMS е присутен во 15 држави ширум светот, со повеќе од 4.500 вработени и 20 производствени погони.
BASF во 2006 година, по мошне неизвесни преговори, го презеде американскиот производител на катализатори и специјални хамиски производи Engelhard, по цена од 5 милијарди долари. Со спојувањето требаше да се создаде водечки производител на катализатори на светскиот пазар.
Новата насока е електромобилноста
Во меѓувреме, пазарот за класични катализатори за издувни гасови почна силно да опаѓа. Во електричните автомобили, катализатори не се потребни. Поради тоа, BASF како еден од најголемите добавувачи на хемиски производи за автомобилските фабрики, повеќе ќе се посвети на материјали за батерии и на рециклирање на батериите. Во сегментот Catalysts, од којшто се издвои ECMS, прометот во минатата година опадна за единаесет проценти, на 17 милијарди евра.
Концернот од Лудвигсхафен се соочува со тешки услови за работа, исто како и целата хемиска бранша. Голем дел од клиентите во изминатите месеци направија огромни залихи, но затоа опадна побарувачката. Покрај тоа, на Кина не ѝ успеа да ја поврати економијата по пандемијата и во земјата сé повеќе се наѕира криза со недвижнини.















