Двајца австралиски комичари залепија 40.000 ковани пари врз каросеријата на Holden Astra со намера да ја зголемат вредноста на автомобилот.
Кога треба да се продаде стариот автомобил, се знае што е потребно да се направи. Вредноста на автомобилот треба да се зголеми со колку може помало вложување и труд. Возилото прво се мие и чисти темелно, се дотеруваат неколку гребаници, може да се смени и некој филтер, потоа се оди на продолжување на регистрацијата и подготовката завршува. Двајца австралиски комичари добија малку поинаква идеја, како да ја зголемат вредноста на својата Holden Astra.
Мајкл Брекхојс (31) и Марти Соколински (32) залепија ковани пари во вредност од по неколку центи по целата каросерија на Opel Astra, којашто во Австралија се продаваше под марката Holden.
Како што е документирано на нивниот профил на фејсбук, комичарите на сите места се обиделе да ја продадат црната Holden Astra, но безуспешно. Дилерите ја проценувале вредноста најмногу на 500 долари, а повеќето воопшто и не биле заинтересирани да го откупат возилото. Мајкл и Марти нашле решение и три дена лепеле парички по каросеријата на Holden. Вкупната „инвестиција“ во подготовката на автомобилот: 2.000 австралиски долари.
Holden веќе извесно време е згасната автомобилска марка, што во својата долга историја имаше бројни оригинални и впечатливи модели, како дел од американскиот General Motors, заедно со Opel.















