Како вози кинескиот АУДИ Е5 Спортбек?

Сцената веќе е запознаена добро дека Инголштат „измисли“ сосем нова марка за Кина, што се произведува и се продава таму. Место прстените, пишува големо АУДИ, но тоа не е единствената разлика.

Гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе, преку авторот Томас Гајгер, имаше можност меѓу првите да испроба модел од марката АУДИ. Тој се води како Е5, секако дека е целосно електричен, техниката е сосем друга.

АУДИ нема да го продава моделот Е5 надвор од Кина и Азија, меѓутоа е клучен модел, затоа што Европејците сега мораа да се приспособат според правилата на пазарот во Кина, за да продолжат да заработуваат. Изгледите дека Ауди ќе ги претрка останатите „странци“ со АУДИ во Кина, се чинат големи. Е5 од Кина за Кина е од големо значење за Ауди од Германија за светот да се пробие во веројатно најтешките услови што ги има доживеано автомобилската индустрија во историјата.

Во продолжение, објавата на авторот на Аутомобилвохе, Томас Гајгер.

Новиот АУДИ Е5 Спортбек изгледа како раскрстување со досегашниот дизајнерски говор на марката. Место познатиот и нагласено технократски настап, тој во внатрешноста оди на лесни материјали и на современа, домашна атмосфера. Во надворешноста, АУДИ првпат се откажува од маската Синглфрејм. Таму каде што досега стоеја четирите прстени, сега самуверено штрчи натписот АУДИ.

Радикалниот чекор е дел од посебната подмарка за Кина. За таму повторно да застане на цврста почва, Ауди се откажа од старите обичаи – дури и од логото. Моделот е развиен во соработка со партнерот САИЦ. Резултатот: Локално произведен, целосно вмрежен Е5, што има длабоки темели во кинескиот дигитален екосистем. Со својот дизајн, тој прави дури и новиот А6 е-трон Авант да изгледа старо.

Со изгледот е во насока на спортско комби

И покрај името, Е5 Спортбек нема многу заедничко со европските модели. Лимузината долга 4,88 метри повеќе личи како спортско комби или Шутинг Брејк. Багажникот сепак е мал со 347 литри. Изгледот се одликува со мазен нос со впечатливи диодни светла, јасна странична линија и впечатлив опаш.

Промените се уште позабележиви во внатрешноста. Додека тековните модели на Ауди обично изгледаат отмено и функционално, Е5 нуди светли материјали, бамбус за акцентите и тесни седишта. Осветлен тракпед проектира ситни анимации врз широкиот дисплеј.

Премиум детали како врати што се отвораат електрично или раткапни што се исправуваат автоматски, ја заокружуваат претставата. Единствено камерите место ретровизори се чинат претерани.

Е5 полни побрзо од моделите врз платформата ППЕ

Е5 и со техниката поставува мерила. Најмоќната изведба нуди до 787 КС и забрзува до темпо сто за 3,4 секунди. Батеријата под 800-волтен напон, со 76 или 100 кВч, според кинескиот циклус дозволува досег до 773 километри. Со 400 киловати, Е5 полни далеку побрзо од моделите што се базираат врз платформата ППЕ.

Богат пакет од системи за асистенција овозможува целосно автономно возење во густ сообраќај. Возилото самостојно се престројува, скршнува, свртува и паркира без возачот да пушти рака.

Чувството во возење и изработката сепак говорат јасно дека ова е Ауди. Материјалите и впечатокот за квалитет убедуваат. Нагодувањето на подвозјето е европски прецизно. Адаптивна пневматска амортизација со две комори, различни модуси на возење и управување на сите тркала се грижат за комфор и динамика.

Значителни разлики со А6 е-трон, вклучувајќи ја цената

Останува прашањето, дали Е5 е вистински Ауди. Развојот, производството и погонот потекнуваат од Кина – но, филозофијата и впечатокот во возење се од Инголштат. Во споредба со А6 е-трон, ориентацијата е различна: Додека европскиот модел сака да се докаже со традиционални вредности, Е5 го дефинира премиумот на помодерен и подигитален начин, што е поблиску до купувачите.

Голема е разликата во цената. Е5 во Пекинг почнува од околу 30.000 евра и дури и во врвната изведба е под 40.000 евра. Не чуди тоа што за 30 минути пристигнаа преку 10.000 нарачки.

 

Претходна објаваПрвиот Мерцедес е произведен на 22-ри ноември 1900 година
Следна објаваРено ќе произведува два нови модели со техника од Џили во Бразил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here