147
19 shares, 147 points

Audi веќе една година им го организира користењето на полначите за струја на возачите на електрични модели од марката. Станува збор за мрежа со повеќе од 135.000 полначи во 24 европски држави. Следи кус преглед на ценовникот и на условите за користење во Германија. Еден киловатчас струја на брзите полначи на Ionity, на пример, чини 31 центи или околу 19 денари.

Audi во моментов им нуди на возачите на електрични автомобили од марката пристап до јавните полначи за струја во 24 европски држави. Преку посебната корисничка картичка на Audi се добива пристап до повеќе од 135.000 полначи на преку 400 компании на интернационално ниво.

Најнова привилегија на возачите на модели e-tron е користењето на брзите почначи на мрежата на Ionity по должината на германскиот аутобан по повластена тарифа. Место да се плаќа месечен паушал, на овие полначи се плаќа само за потрошената струја. Цената изнесува 31 евроценти, што е споредливо со цената при полнење дома. Струјата потекнува строго од обновливи извори.

Едно приклучување чини 9,95 евра, без разлика на потрошената струја и времетраењето

Audi e-tron Charging Service, како што е целосното име на услугата, нуди два различни претплатнички модели. Едниот е таканаречена градска тарифа, за возачи што сообраќаат претежно во град, со цена од 4,95 евра месечно. Едно полнење на полнач со двонасочна струја (до 22 kW) или на полнач со еднонасочна струја (до 50 kW) чини 9,95 евра, без разлика колку време возилото останува приклучено и без разлика на потрошената струја.

За возачи што почесто сообраќаат на долги релации, наменета е транзитната тарифа. Таа чини 17,95 евра месечно. Сопствениците на Audi e-tron се ослободени од месечната претплата во првата година. Главната предност на транзитната тарифа е цената од 31 цент по kWh при користење на брзите полначи на Ionity по должината на аутобанот. Audi e-tron таму полни со моќност до 150 киловати и подготвен е за следната долга тура по само половина час.

Градска тарифа

Транзитна тарифа

Претплата

4,95 € / месец

17,95 € / месец

AC-полнач (до 22 kW)

7,95 € / по приклучување

7,95 € / по приклучување

DC-полнач (до 50 kW)

9,95 € / по приклучување

9,95 € / по приклучување

Ionity HPC (до 150 kW)

IONITY ад-хок цена по kWh

Повластено: 0,31 € / kWh

Цените важат само за Германија, за договор на најмалку 12 месеци

Пример: 

Audi e-tron 50 quattro, основната изведба на електричниот СУВ, располага со батерија со капацитет од 64,7 kWh. Доколку возилото се приклучи за полнење цела ноќ на полнач со моќност до 22 kW, цената изнесува исто, односно 7,95 евра по приклучување, без разлика на потрошената струја. Тоа значи дека секој 1 kWh струја чини 12,3 центи. При потрошувачка на струја од 21,9 kWh/100 km, возачот на Audi e-tron 50 quattro ќе плати само 2,69 евра за секои 100 извозени километри, односно нешто повеќе од 165 денари. Според последните германски цени, тоа е исто колку 2,17 литри дизел во Минхен.

Audi има постигнато договор, цената на струјата за корисниците на Audi e-tron Charging Service да биде иста на сите полначи при влез или минување низ друга држава. Тоа го олеснува патувањето, без потреба од постојано споредување на цените на сите оператори во земјата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За барање на најблиските станици со полначи се користи апликацијата myAudi или навигацискиот систем на Audi. Корисникот добива информација и дали одреден полнач во моментот е слободен. Полнењето може да се активира преку картичката или преку самата апликација.

За склучување договор, новиот корисник на e-tron Charging Service е потребно да се регистрира на порталот myAudi и да избере вид на претплата, односно договор.

Информации за користењето на мрежата на www.e-tron.charging-service.audi


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

147
19 shares, 147 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *