за

Audi A6: Фејслифт за бизнисменската лимузина

Моделот од вишата средна класа на Audi е единствениот што остана без фејслифт во премиум триото со класата Е на Mercedes и серијата 5 на BMW. Сега следува освежување во стилот на A7 Sportback.

Нови мотори, менувачи и нова форма на светлата, како и обновена понуда од мултимедиски системи ќе му донесат свежина на моделот од вишата средна класа на Audi. Покрај лимузината А6 и комбито A6 Avant, освежувањето ги опфати и другите моделски изведби во гамата, спортските S6, S6 Avant и RS6 Avant, како и универзалецот A6 allroad quattro.

Многу детали се преработени во изгледот, но тој и натаму се препознава како А6: Маската, предните светла, отворите за воздух, браниците, страничните прагови, задните светла, па сé до издувните цевки. Со доплата се достапни диодни предни светла или уште понапредни матрични диодни светла, во комбинација со динамични трепкачи, при што диодите во нив се вклучуваат едноподруго за да постигнат единствен ефект и препознатливост во уличната слика.

За купувачите со најпрефинет вкус и соодветно длабок џеб се нуди новата Audi design collection со ентериер во сива или црвена боја. Врвниот навигациски систем со монитор што се извлекува со електромотор доби побрз грацички чип Tegra 30 од партнерот Nvidia. Со доплата за Audi connect, податоците се пренесуваат побрзо и посигурно преку стандардот LTE односно 4G, а со него следуваат и нови онлајн услуги.

Промени има и под хаубата. Во понудата на мотори влегуваат три бензинци TFSI со директно впрскување и турбонатполнење, во дијапазон од 190 до 333 КС, како и пет дизели во дијапазон од 150 до 326 КС. Сите мотори ја исполнуваат нормата Euro 6. Врвниот бензинец од стандардната понуда 3.0 TFSI е темелно преработен, исто како и 3.0 TDI clean diesel, со моќност од 218 и 272 КС. Моторот 3.0 TDI clean diesel Biturbo постигнува 320 КС, односно 326 КС (со краткотрајни 346 КС) во специјалната серија A6 3.0 TDI competition и A6 Avant 3.0 TDI competition во чест на 25-годишнината на технологијата TDI.

Најмоќните дизели работат сериски со осумстепен автоматик, додека за останатите е на располагање преработен мануелен менувач со шест степени или седумстепен менувач со двојна спојка S tronic. Во моделите со преден погон, овој менувач е развиен целосно од ново, во замена за multitronic, додека кај моделите со погон quattro и моќност над 272 КС, дополнително стои на располагање спортски диференцијал, којшто активно ја распределува силата меѓу задните тркала.

Приспособливата амортизација Audi drive select следува како стандард, а со доплата се нудат спортско подвозје или пневматска амортизација. Пружините кај еко-моделот A6 Avant 2.0 TDI ultra со 190 КС се изработени од палстиак зајакната со фиберглас, како иновација што заштедува 4,4 килограми во тежината на возилото и ја подобрува прецизноста во возењето.

Испораката на новото моделско семејство на A6 стартува наесен, со германска цена за основниот модел 1.8 TFSI од 38.400 евра. Врвниот модел RS6 Avant чини 108.900 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari ќе произведува повеќе автомобили со новиот шеф

Нов дволитарски дизел за големите модели на Opel