Многу критики пристигнаа на адресата на Audi, поради недостигот од нови модели и отуството на големи иновации. Годинава ќе биде пресвртница за премиум марката на концернот VW. Подготвена е нова стратегија на производство, бројни нови модели ќе го здогледаат светлото на денот во 2023 година.
Главното внимание во Audi во моментов е насочено кон 360factory. Станува збор за сосем нов начин на организација на производството, којшто се воведува во време кога почнува и напливот од нови модели со целосно електричен погон. Целта е да се зголемат економичноста, одржливоста, приспособливоста, и секако, привлечноста на работното место во Audi.
Почетокот на новата стратегија ќе биде одбележан уште годинава, во фабриката во Инголштат, со сериското производство на Audi Q6 e-tron. Тоа е прв модел со четирите прстени, што е конструиран врз новата платформа PPE за електрични автомобили, со 800-волтна мрежа. Во 2025 година, повеќе од половината од автомобилите што ќе се произведат во Инголштат, ќе бидат целосно електрични автомобили.
Во следните две години, на Q6 e-tron во Инголштат ќе му се придружи уште еден електричен модел, веројатно автомобил од компакт класата. Изведбите на A3 и Q2 со мотор со внатрешно согорување веќе се произведуваат во овој град што е петти по големина во Баварија.
Актуелните модели на Audi се произведуваат во фабриката на VW во Цвикау (Q4 e-tron), во Брисел (Q8 e-tron) и во престижната мануфактура Белингер Хефе, во близина на фабриката во Некарзулм (e-tron GT).
Електричните модели на Audi ќе се произведуваат и во Некарзулм, во фабриката Сан Хозе Чиапа во Мексико, како и во фабриката за погонски единици на Audi во Ѓер, Унгарија. На последнава локација се изработуваат и електромотори за моделите што ја користат платформата PPE. Од неодамна во Инголштат во три смени се изработува погонската спрега за моделите со напредната платформа.
По 2029 година, сите фабрики на Audi ќе произведуваат најмалку по еден електричен модел. Четири години подоцна, марката од Инголштат ќе се збогува целосно со производството на автомобили со мотор со внатрешно согорување и ќе се посвети исклучиво на електрични автомобили.
До 2033 година, работните трошоци во фабриките ќе бидат намалени за 50 проценти по фабрика. За таа цел, ќе се намали сложеноста на конструкцијата на автомобилите на Audi и во поголем обем ќе се применува новиот концепт на модуларна монтажа.
Во матичната фабрика во Инголштат во моментов се одвива пилот проект, со внатрешните облоги на вратите за моделите А4 и A5. Проектот е пример за модуларната монтажа, при што транспортни роботи ги доставуваат компонентите што се потребни за вградување во автомобилот, точно до местото на коешто тој автомобил се наоѓа во моментот во производството и точно според нарачката што ја има направено идниот сопственик на возилото.
Доколку сопственикот нарачал, на пример, амбиентално осветлување во кокпитот на својот автомобил, тогаш роботот ги доставува каблите и светлечките елементи што се потребни, точно до местото на коешто автомобилот во моментот се наоѓа во фабриката. Во спротивно, роботот ги изостава тие компоненти.
Роботите се движат самостојно и меѓу другото препознаваат дали работникот во моментот е зафатен со вградување други компоненти во возилото. Во тој случај, роботите прво чекаат работникот да заврши со тековните зафати и да се ослободи за следната задача. Така се зголемува ефикасноста во фабриката.
Во иднина сите фабрики на Audi ќе работат врз овој принцип, којшто е составен дел од 360factory. Флексибилноста оди дотаму, што електричниот Q6 e-tron во Инголштат ќе се произведува на истата монтажна линија број 1, со моделите A4 и A5.
Паралелно се зголемува и обемот на примена на енергија од обновливи извори. Фабриката во Унгарија располага со најголемиот соларен систем што е поставен на покрив на објект, во Европа (160.000 метри квадратни). Исто и фабриката во Брисел се снабдува со соларна енергија од површина од 107.000 метри квадратни. Во Инголштат во моментов има соларен систем на 23.000 метри квадратни, меѓутоа површината под панели веќе е во фаза на проширување.
Целта на менаџментот на Audi е јасна, уште во текот на деценијава марката да се врати во полна форма, во трката со Mercedes-Benz и BMW. Исто е во визир и пионерот на електричните автомобили Tesla. Сé почнува во фабриките.