
На салонот во Лос Анџелес на 19-ти ноември, Audi ќе го прикаже првиот концептен автомобил со дизајнерскиот потпис на Марк Лихте, како најава за новиот дизајн на марката.
Од февруари, 45-годишниот Марк Лихте го презеде местото на главен дизајнер на Audi. Со неговото стапување на оваа функција, Лихте особено ќе ги потенцира спортската нота, лесната конструкција и погонот quattro во изгледот на идните модели на марката од Инголштат, коишто се воедно и клучни вредности во нејзината традиција. Новиот дизајнерски говор ќе ги оддава напредната технологија и високиот квалитет на изработка на Audi, или со други зборови, во изгледот ќе може да се прочита прогресивната техника што ја поседуваат овие автомобили.

Како почеток на новата ера во дизајнот на Audi, на салонот во Лос Анџелес во средината на ноември ќе биде прикажан концептен автомобил со целосна дизајнерска револуција во изгледот на каросеријата и на кабината. Марк Лихте е роден во 1969 година во Арнсберг, во руралниот регион Зауерланд во германската покраина Северна Рајна – Вестфалија и ја започна својата професионална кариера во Volkswagen AG уште како стипендист при студиите на автомобилски дизајн на универзитетот Пфорцхајм во 1996 година. Неговата кариера натаму напредува во дизајнер за екстериер, пред да го преземе шефовското место во студиото во 2006 година. Марк Лихте има работено во Volkswagen на сериските модели како Golf 5, 6 и 7, Passat 6, 7 и 8, Touareg и Phaeton.















